Експериментални видеоигри – само еден потег дневно

Експериментални видеоигри - само еден потег дневно

Еден њујоршки дизајнер се обидува да ги преиспита постулатите врз кои почива технологијата – брзината и постојаната иновативност. Неговите верзии на познати видеоигри се во форма на коцка, а на нив може да правите само еден потег дневно.

Оваа мала коцка е видеоигра. И се вика Марио. Копчето одозгора е контролерот. А малите бели точки, тие се и вашиот аватар и светот во кој тој функционира.

Делото е на Ишак Бертран, дизајнер од Њујорк, кој освен „Марио“ ги има претворено во вакви минималистички игри и „Тетрис“ и „Понг“. Но, во неговата варијанта тие се играат според едно важно правило: играчите можат да прават само еден потег дневно.

Серијата се вика „Бавни игри” (Slow Games), а идејата е да се трансформира она што вообичаено се смета за брзодвижечка активност, во едно контемплативно, речиси медитативно искуство.

Секоја од коцките има различен контролер. Кај „Марио“ тоа е копчето, кое колку што подолго го притискате, толку подалеку скока вашиот аватар. „Тетрис“ се игра со ротирање на целата коцка. „Понг“ користи прекинувач кој диктира каде ќе отскокне топката. Откако ќе го направите потегот, потребен е цел ден за тој да се појави на екранот. Така, наместо фокусирање на вештините како координација помеѓу раката и окото, тука се вежба трпение, меморија и моќ на набљудување.

За завршување на само една игра се потребни неколку недели, ако ве послужат нервите. „Имаме развиено супер брз, автоматизиран начин на интеракција со предметите”, вели Бертран, „а технологијата речиси предвидува што ќе направите”. И тоа не мора да е лошо, но е добра тема за размислување, дека може да биде и поинаку. Сите споредби со други активности кои можат да бидат интересни и кога се брзи, и кога се бавни, се дозволени.

Извор