Еколошки здруженија предлагаат конкретни мерки против загадувањето на воздухот

„Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за внатрешни работи како и Центарот за управување со кризи итно треба да преземат конкретни мерки во оваа алармантна состојба со која се соочуваме“, се вели во листата мерки направена од неколку еколошки и активистички здруженија во која предлагаат можни решенија за решавање на проблемот со загадувањето.

Од Советот на град Скопје и градоначалникот сметаат дека е потребно да спроведе делумна или целосна забрана на сообраќајот во поширокиот центар на градот. Воедно, да се воведе ограничување на автомобилите чии мотори имаат непотполно согорување на горивото. Исто така, јавниот сообраќај да биде бесплатен со што ќе се стимулира неговата помасовна употреба.

Тие бараат и да се засили контролата над градежните зафати на територијата на град Скопје, во соработка со Општините на градот и да инсистира на поставување на соодветна заштитна мрежа околу објектот за намалување на прашината. Поголема инспекција над малите индустриски капацитети и да започне примена на течноста „ЦМА“ („калциум магнезиум ацетат“) која се прска на површини каде е регистрирано големо присуство на честичките PM10.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање пак, тие предлагаат итно да изврши надзор на сите големи индустриски капацитети во околината на градот Скопје и соодветни мерења. Според нив, Министерството за внатрешни работи треба да ја зајакне контролата и проверката на возилата во градот за нивната техничка исправност и доследно да ги спроведува насоките од град Скопје за ограничување на сообраќајот во центарот на Скопје.

Центарот за кризи според нив е должен навремено да ги информира и алармира граѓаните за нивото на загадување во нивните општини и да превзема мерки за заштита на граѓаните, а од Министерството за здравство бараат да подготви и објави листа на бесплатни лекови за респираторни болести наменети за ранливата популација.

Целосната листа за можни решенија е на овој линк.

Воедно, вчера, под мотото „Кој е крив што градот ни е сив“ се одржа протестен марш против загадувањето на воздухот во Скопје преку кој граѓани симболично го изразија својот револт со цел да се привлече вниманието на надлежните органи.