Мрежата CEE Bankwatch и „Еко-свест“ изразија сериозна загриженост во врска со предложениот проект за ископ на јаглен во Македонија. Планот за отворање на нов рудник за лигнит во Пелагонискиот регион е изненадување, бидејќи регионот веќе е погоден од три други рудници за јаглен, а проектот е спротивен на заложбите за напуштање на јагленот како енергенс, посочуваат од „Еко-свест“
Целата реакција-анализа на „Еко-свест“ ја пренесуваме интегрално:
„Во 2018 и 2019 година, за време на подготовката на својата Стратегија за развој на енергетиката до 2040 година, Македонија одлучи да оди во правец кој беше револуционерен за Балканот – постепено да ја укине употребата на јаглен за производство на електрична енергија до 2027 година. Ова беше одложено за неколку години во Националниот план за енергетика и клима (НЕКП), главно поради пандемијата. Сепак, во споредба со соседните држави, ова беше сè уште многу амбициозно. Србија беше во процес на изградба на нова термоелектрана на јаглен, а Босна и Херцеговина имаше неколку слични планирани проекти.
Амбицијата на Македонија беше поздравена од Европската комисија и го привлече интересот на меѓународните финансиски институции. ЕБОР беше првата што финансираше практични проекти кои ги поддржуваат овие цели, како што е конверзијата на рудникот за јаглен Осломеј во фотоволтаична централа од големи размери. На ова се надоврза техничката поддршка од ЕУ за подготовка на Патоказот за праведна транзиција, поддршката од Фондот за климатски инвестиции за Инвестициски план за забрзана транзиција и дополнителни грантови од ЕУ за повеќе соларни проекти.
Врз основа на заложбите на АД ЕСМ, државната електроенергетска компанија, за укинување на јагленот како енергенс и неотворање на нови капацитети за ископ на јаглен, во 2023 година ЕБОР исто така ја поддржа компанијата, со кредит за ликвидност од 100 милиони евра.
Во истиот период, очигледно се одвиваше сосема поинаков паралелен процес во ЕСМ. Во мај 2019 година, компанијата склучи договор за главен проектен дизајн и оцена на влијанието врз животната средина (ОВЖС) за наоѓалиштето на лигнит Живојно. Проектот беше развиен во текот на 2020 година и повеќето еколошки истражувања беа завршени тогаш. Потоа, студијата за ОВЖС почна периодично да се појавува и исчезнува од веб-страницата на Министерството за животна средина, создавајќи забуна за тоа што се случува со проектот. Во мај 2025 година истата беше официјално објавена и беше организирана јавна расправа.
Студијата пропушта многу клучни прашања, но најважно е што целосно ги занемарува стратешките приоритети и меѓународните обврски на земјата. Учествувавме на јавната расправа во просториите на општина Новаци, во регионот каде што е планиран рудникот, и доставивме писмени забелешки.
Меѓу најкритичните точки ги издвојуваме:
–Стратешки конфликти: Проектот е во спротивност со Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година (2019), НЕКП 2021-2030 и Национално утврдените придонеси (НУП) за ублажување на климатските промени. Овие документи наведуваат дека Македонија има цел да ја прекине употребата на јаглен за производство на електрична енергија најдоцна до 2029 година и да започне интензивна декарбонизација на енергетскиот сектор.
–Меѓународни обврски: Земјата доби техничка помош од Европската Унија за развој на Патоказ за праведна транзиција, со веќе подготвен првичен годишен план. Понатаму, Македонија е меѓу неколкуте глобално избрани учесници во Програмата за забрзана транзиција од јаглен на Фондот за климатски инвестиции, благодарение на нејзините амбициозни планови за декарбонизација. Исто така, со значителна техничка поддршка е развиен Инвестициски план за забрзана транзиција.
–Финансиски обврски: Инвеститорот, ЕСМ, обезбеди значителни заеми условени со придржување кон овие стратешки заложби и неотворање нови рудници за јаглен. Овој проект, доколку се реализира, може да го загрози интегритетот и угледот на земјата во меѓународната заедница и финансиските институции, ризикувајќи отплата на заеми и трошење на јавни средства. Долгорочно, тоа може сериозно да го ограничи пристапот до понатамошна финансиска помош клучна за процесите на декарбонизација и праведна транзиција.
–Временски несовпаѓања: Во студијата за ОВЖС се споменува дека експлоатацијата на рудникот ќе заврши пред процесот на декарбонизација на енергетскиот сектор, но точното време останува нејасно. Со моменталниот датум за постепено укинување на јагленот поставен за оваа деценија, и доколку започнувањето на работата на рудникот трае околу две години, почетокот на експлоатацијата би бил многу блиску до овој рок (2030). Други информации во студијата сугерираат дека животниот век на рудникот ќе биде дури 14 години, продолжувајќи ја работата до околу 2040 година – една деценија по датумот за укинување на јагленот.
–Опсег на проценка: Студијата за ОВЖС го оценува проектот како изолиран рударски потфат, не земајќи ја предвид неговата специфична цел и карактеристики во рамките на постојниот рударско-термоелектричен комплекс Битола. Проектот е наменет за ископ на лигнит за термоелектраната, што го прави интегрален дел од енергетскиот систем, а не само рударски проект. Овој пропуст води до несоодветна анализа на алтернативни начини за постигнување на истата цел и потценување на крајните влијанија на проектот врз климата.
–Користени податоци: Голем дел од основните податоци се собрани во 2020 година и сега се застарени. Еколошкото законодавство на Македонија предвидува дека еколошката дозвола за проект истекува по две години доколку не започне изградбата, освен ако условите во проектната област не останат непроменети. Во најмала рака, студијата треба да обезбеди ажурирање на тековните услови во споредба со основните податоци од 2020 година и по можност треба да вклучи нови податоци за значајни влијанија како подземните води и квалитетот на воздухот.
Овие значајни забелешки треба темелно да се испитаат и одговорат. Клучно е секој проект да се усогласи со националните и меѓународните еколошки обврски, особено оние насочени кон справување со климатските промени и обезбедување одржлива иднина. Неопходно е да се водат отворени дискусии, транспарентни проценки и внимателно да се разгледаат сите алтернативи за да се донесат информирани одлуки кои ќе бидат од корист и за економијата и за животната средина.
Во ваква ситуација се нагласува важноста на конзистентноста помеѓу стратегиите на земјата и индивидуалните проекти, како и интегритетот во стремежот кон енергетските цели, почитувајќи ги меѓународните обврски и давајќи приоритет на одржливиот развој на долг рок.На крајот на краиштата, не постои начин на кој еколошките и климатските влијанија од нов рудник за јаглен во Македонија можат да се управуваат без државата да ги прекрши своите обврски. ЕСМ мора или да го повлече своето барање за одобрување на ОВЖС за Живојно или Министерството мора да го одбие истото. Во спротивно, ЕБОР ќе треба да побара итно враќање на својот заем. Воедно, банката ќе треба сериозно да го подобри спроведувањето на проверката и контролата на слични заеми во иднина“, стои во анализата на „Еко-свест“.