Еколошката организација „Еко-свест“ потенцира дека деновиве сме сведоци на една од најсилните граѓански мобилизации за заштита на природата во земјава – борбата за спас на реката Дошница. За Дошница, еко-активистите велат дека не е изолиран случај, туку симптом на поширок, системски проблем со малите хидроцентрали кои ги уништуваат реките под изговор на „обновлива енергија“.
„Во земјава веќе функционираат 98 мали хидроцентрали, а се планира изградба на уште најмалку 50 нови. Тие се градат во најживописните речни долини, многу од нив во заштитени или еколошки чувствителни подрачја, каде што секоја интервенција има непоправливи последици по природата и биодиверзитетот“, забележува „Еко-свест“.
Од таму реагираат дека малите хидроцентрали се градат зад очите на јавноста, без јавни консултации и без соодветна студија за оцена на влијанието врз животната средина. Наместо тоа, велат тие, концесиите за малите хидроцентрали се издаваат зад затворени врати, врз база на „елаборат“, кој не дава јасен преглед на потенцијалните штети од изградбата ниту пак дозволува учество на јавноста.
„Последиците од ваквите практики се видливи: празни речни корита, уништени екосистеми, и локални заедници без пристап до вода“, посочуваат од „Еко-свест“.
Тие потсетуваат дека минатата година „Еко-свест“ покрена постапка пред Уставниот суд за да ги оспори законските одредби и уредбите што дозволуваат изградба на мали хидроцентрали со елаборати. Сметаат дека е потребно итно укинување на елаборатот како механизам за одобрување на изградбата на малите хидроцентрали и усогласување со европските стандарди, според кои е потребна изработка на студија за оцена на влијанието врз животната средина. Ова, велат од таму, е клучно за обезбедување транспарентност, јавна консултација и заштита на природните екосистеми од неповратни штети.
„Произведената електрична енергија од малите хидроцентрали се откупува по загарантирани повластени тарифи, што значи сигурен профит за инвеститорите, а штета за природата и граѓаните. Со ваков систем, државата ги фаворизира малите хидроцентрали пред другите обновливи извори, стимулирајќи уништување наместо одржливост. Време е за итна промена на системот за субвенционирање! Потребно е да се укинат фиксните тарифи и да се воведе фер и транспарентен модел со премии, кој ќе ги стимулира енергетски решенија што се навистина одржливи и безбедни за животната средина“, потенцираат од „Еко-свест“.
Воедно, еко-активистите нагласуваат дека заштитата на природата е наша одговорност.
„Заедно со граѓаните, бараме крај на уништувањето на нашите реки под маската на одржливи инвестиции. Во редовна комуникација и координација со активистите од иницијативата за спас на Дошница, ќе продолжиме да работиме на изнаоѓање правни механизми за стопирање на изградбата на хидроцентралите на Дошница“, најавуваат од „Еко-свест“.