Бетонска бариера која со децении го попречува течението на Крива Река во близина на Крива Паланка, ќе биде отстранета од речното корито. Ова е прво отстранување на речна препрека кое се прави во државата на иницијатива на граѓанската организација Еко Свест, во соработка со Општина Крива Паланка и Државниот инспекторат за животна средина, иако има уште десетици такви во многу реки, кои во моментот се целосно нефункционални. И старата препрека на Крива Река е бариера која веќе не ја врши својата првична намена бидејќи е скршена. Бетонот сега го покрива речното корито и е бескорисен, но му пречи на екосистемот, бидејќи собира седимент и го ограничува движењето на рибите и другиот воден свет.
„Ова ќе биде првата речна препрека што ќе ја отстраниме, а во Еко-свест се надеваме дека набрзо ќе отстраниме уште една непотребна бариера на реката Пчиња. Сакаме да покажеме дека отстранувањето на непотребните бариери во реките е неопходно и ќе даде долгорочна заштита на екосистемите,“ вели Ана Чоловиќ- Лешоска од Еко-свест и додава дека со оваа акција ја подигнуваат и свеста дека непотребните бариери можат да претставуваат опасност по животот на локалните заедници и затоа треба да се отстранат.
Македонија е позната по своите изобилни реки, но од организацијата посочуваат дека јавноста сè уште не е свесна колку овие реки се изменети и преградени со разни објекти и за различни цели. Во 2024 година Еко-свест идентификуваше повеќе од 45 бариери само во сливот на реката Пчиња. Отстранувањето на само две бариери, една на Крива Река и една на Пчиња, планирано за подоцна оваа година, ќе воспостави слободен тек на делница од вкупно 72 километри.
За жал, многу од бариерите кои постојат во реките се и нелегални или им недостасува соодветна документација, па дури и сопственост, што нивното отстранување го прави речиси невозможно.
„Преку тековниот проект за отстранување бариери, Еко-свест има цел да го претстави отстранувањето на браните како практична и неопходна мерка за обновување на реките. На европскиот континент, отстранувањето на бариери се практикува сè почесто, со 542 евидентирани отстранувања минатата година, според извештајот на Dam Removal Europe,“ посочуваат од организацијата.