Околу 88 милиони деца, највеќе од земјите во развој ќе доживеат ризична изложеност.
Едно од три деца во светот има висока концентрација на олово во крвта која може да предизвика долгорочна штета врз здравјето, покажува ново истражување.
Околу 800 милиони деца и млади луѓе под 19 години имаат предиспозиции да имаат високо ниво на олово во крвта, односно околу 5 микрограми на 1 децилитар.
Според Светската здравствена организација, не постои „безбедно“ ниво за олово во крвта, бидејќи дури и малите количества создаваат опасен токсин, па нивоата над 5 грама во еден децилитер алармираат за ситуацијата.
Овие податоци кои се дел од истражувањето на Институтот за здравствена метрика и евалуација беа објавени од страна на „УНИЦЕФ“ оваа недела, со фокус кон веќе постоечките опасности за децата и присуството на олово, најчесто преку употреба на бензин, бои и водоводни цевки стари неколку декади.
„Ова е апсолутно шокантна бројка. Отсекогаш знаевме за штетноста на оловото, но не знаевме колку е тоа проширено и колку деца се изложени на истото“, истакнал Николас Рис, еден од авторите на истражувањето.
Оловото е потентен неуротоксин и голема изложеност може и да убие, додека пониската изложеност може да предизвика различни симптоми како болка, повраќање, напади, застој во развојот, психички потешкотии и растревоженост. Пониската изложеност може да предизвика и предвремено раѓање на плодовите.
Изложеноста која е проучена во трудот може да предизвика намалување на когнитивните способности, високи нивоа на насилство и кардиоваскуларни болести.
Децата се особено ранлива категорија чиешто изложување на олово може да ги уништи мозокот и нервниот систем во развој, постепено, бидејќи симптомите не се видливи веднаш. Оловото се наталожува пополека, како калциумот во коските и предизвикува уништување на виталните органи, односно бубрезите, срцето и белите дробови.
Ричард Фулер, член на „Чиста земја“, невладината организација која соработувала со „УНИЦЕФ“ на истражувањето, истакнал дека луѓето не се запознаени со штетноста на оловото, иако кампањи за неговата токсичност во развиените земји се започнати уште пред неколку декади.
„Направивме одлична работа со тоа што го отстранивме оловото од бензинот, но употребата на оловото е зголемена по падот во 1970тите и 80тите“, додал тој.
„Оловото на 5 микрограми на 1 децилитар крв најверојатно ќе намали 3 до 5 IQ поени кај детето и индиректно ќе може дупло да го зголеми нивото на насилство во општеството“, истакнал Фулер, додавајќи дека постои зголемен ризик за кардиоваскуларни болести.
Моментално 900,000 смртни случаи на годишно ниво се поврзани со труење од олово.
Фулер нагласил дека нивоата на оловото можеби се чинат мали, но нивните последици врз населението се големи.
„Овие бројки значат дека во иднина ќе се дуплира бројот на луѓе со застој во развојот, што воопшто не е тривијален проблем“, соопштил тој.
Фулер изјавил дека веќе 30 академски студии го поврзале и докажале присуството на олово со насилно однесување, со што научниците веќе имаат направена силна асоцијација помеѓу контаминацијата со олово и влијанието врз насилството.
Една од основните причини за труење од олово е неправилното отстранување од автомобилските батерии кои користат олово и киселина за да генерираат електрична енеригија, со што се произведува 85 отсто од оловото на глобално ниво. Кога ваквиот отпад се отстранува на правилен начин, опасноста е намалена, но повеќе од половина земји во светот не го отстрануваат овој отпад според правилата.
Една од преостанатите причини за труење од олово е употребата на оловен оксид или оловен хромат, прехрамбен адитив за зачини кој ја дава жолтата нијанса во куркумата и црвената нијанса на паприката. Истражувањето дава примери за користење на овие адитиви во Индија, Бангладеш, Грузија, Балканските држави и Северна Африка.
Извор: Guardian