Пред точно една година Светската здравствена организација (СЗО) го прогласи Ковид-19 за пандемија.
Некои тврдеа дека овој чекор дојде премногу доцна, предвесник на хаосот и проблемите кои следуваа во текот на целата ланска година, откако половина од човештвото само еден месец подоцна се најде под некакви рестрикции поради вирусот.
„На почетокот на јануари знаевме дека ова е пандемија и многу од нас го говореа јавно тоа. Во моментот кога видовме дека вирусот се шири низ источна и југоисточна Азија и на Блискиот Исток, во само неколку недели откако првично беше откриен, требаше да биде прогласено дека станува збор за пандемиски вирус. Не го направивме тоа, светот не го направи тоа, и за мене тоа беше почетокот на неактивноста како одговор“, вели Мајкл Мина, вонреден професор по епидемиологија на Школата за јавно здравје при Универзитетот во Харвард.
Додека Ковид-19 беше прогласен за пандемија веќе имаше 118 илјади потврдени случаи на заразени со вирусот во 114 земји и повеќе од 4.000 смртни случаи. Многу европски држави влегоа во карантин истата недела поради високиот број хоспитализации.
Точно една година подоцна има повеќе од 117 милиони случаи и 2,6 милиони смртни случаи на светско ниво, што претставува 99.000% пораст во бројот на инфекции.
На 11 март 2020 година директорот на СЗО предупреди дека зборот „пандемија“ не го употребиле туку-така.
„Пандемија не е збор кој треба да се користи лежерно. Тоа е збор кој доколку се употреби погрешно може да предизвика нерационален страв или неоправдано прифаќање дека борбата е изгубена, што би водело кон непотребно патење и смрт“, рече тогаш Тедрос Аданом Гебрехесус.
Но, сега, многу експерти велат дека ова е најлошата пандемија во последните сто години, откако ги наруши животите на луѓето низ целата Планета и повлече паралели со пандемијата на Шпанскиот грип од 1918 година што резултираше во десетици милиони смртни случаи.
Професорот Мина објаснува дека разговарал со големите компании кои произведуваат медицински тестови на почетокот на 2020 година и тие му кажале дека не се сигурни дали да започнат со масовно производство на тестови за Ковид-19.
„Доколку СЗО уште во јануари објави дека станува збор за очигледна пандемија, по дефиниција, компаниите ќе имаа неколку месеци предност да започнат со градење на инфраструктурата за тестирање“, изјавил тој за Еуроњуз.
Дополнително, постоеја и критики кон СЗО за доцното прогласување на Глобална здравствена вонредна состојба, највисокото ниво на алармантност според меѓународното право за кое земјите членки на Организацијата се имаат договорено дека неговото прогласување поттикнува колективна акција. Претходно ваков статус имаат добиено Х1Н1, дивиот-вид полио, ебола и Зика вирусот.
Комитет на СЗО се сретна на 22 јануари минатата година и одлучија да не прогласат ваква вонредна состојба, но по само една недела ја смени одлуката.
„Глобалната здравствена вонредна состојба како статус е предвидено да биде нормативен повик на аларм и владите да се ангажираат кон ризикот и да започнат да се подготвуваат. Поради повеќе причини тоа не се случи како што се очекуваше во почетокот на 2020“, вели Клер Венам, вонредна професорка за глобални здравствени политики при Лондонската школа за економија.
Сепак таа додава дека во моментов се потребни посеопфатни податоци за да се увиди дали владите презеле акции откако СЗО прогласило здравствена вонредна состојба.
Пред три дена, на оваа тема свој став даде директорот за итни состојби на СЗО, Мајк Рајан.
„Можеби ние треба да викаме погласно, но можеби на некои луѓе им се потребни помагала за подобар слух“, рече тој.
Дел од експертите сметаат дека бавните реакции само ги предвидоа расчекорите кои потоа ќе ги дефинираат одговорите на Ковид-19.
„Има големи последици од тоа што не се гледаше очигледното, да се погледнат фактите и да се каже – еј, ова е пандемија, нека знае целиот свет. Сега гледаме како остатоците од таквиот приод продолжуваат и денеска“, вели Мина.
Професорот во моментов прави истражувања на брзите тестирања и вели дека не сфаќа зошто постои одбивност од властите да дозволат луѓето да се тестираат самите во своите домови без потреба од упати.
„Година по оваа пандемија, после сè што видовме, ние и понатаму зборуваме за тоа дали луѓето треба да земат упат од доктор за да добијат Ковид тест… Тоа е шокантно за мене во овој момент“, вели Мина.
Според дефинициите на СЗО, пандемија е ширење на нова зараза глобално, или можност за нова зараза која би се проширила глобално.
Првата пандемија во 21-от век беше вирусот Х1Н1 од 2009 до 2010 година. Според проценките вирусот предизвика помеѓу 100.000 и 400.000 смртни случаи во првата година.
Вирусот САРС-КоВ-2, кој го предизвикува Ковид-19, е првиот коронавирус кој предизвикал пандемија.