Во јуни 2018 година, на париските улици се појавија првите електрични скутери. Тие припаѓаа на „Lime“, компанија со седиште во САД, која се спремаше да започне да нуди услуги низ земјите од Европската унија.
Сега во Европа има 19 компании кои изнајмуваат скутери.
Противниците на овој тренд се жалат на гужвите на коловозите, загрижени се за безбедноста, проблематичните економски модели на вработување, а ги потенцираат и доказите дека е-тротинетите можеби не се толку добри за околината, анализира Политико.еу.
„Операторите ја искористија правната празнина. Доколку денеска тие се однесуваат подобро, тоа е поради идните легални инструменти“, рекол претставник од локалната власт во Париз.
Компаниите сега не треба да ги задоволат само клиентите – тие сега треба да ги задоволат и регулаторите.
„Бесправен“ раст
Привлечноста на овие превозни средства, како алтернативен начин на транспорт, се потпира на моделот – клиентите да можат да најдат е-тротинети кога и да им е потребно. Ова често доведува до голем број на е-тротинети кои ги преполнуваат тротоарите и им сметаат на пешаците.
Исто така, тие ги „налутија“ и регулаторите, кои сега разгледуваат начини за да го ограничат нивниот број.
Градоначалничката на Париз, Ен Хидалго, се спротивстави на „незаконското“ множење на е-троинетите, кога во мај најави нови рестрикции и побара од операторите да го замрзнат, дури и да го намалат бројот на е-тротинети во главниот град. Набргу по нејзиното барање, пет оператори го напуштија Париз, а севкупниот број се намали од 20.000 на 15.000 е-тротинети.
Новата законска рамка во Франција им дава моќ на градовите да ги регулираат платформите за е-тротинети и се очекува да стапи на сила веќе на есен, ако навремено се донесе големата реформа за мобилност. Хидалго очекува бројот на оператори во Париз да биде лимитиран на два или најмногу три.
Локалните власти ширум Европа најавуваат слични рестрикции, компаниите бараат рамнотежа помеѓу тоа да останат на страната на властите, без да си наштетат на својот бизнис модел.
Фатална привлечност
Првата смртна несреќа со е-тротинет беше регистрирана во Брисел во мај, а голема вест стана тоа што во несреќата не било инволвирано друго возило. 25-годишник во Париз почина по судир со камион во јуни, годинава. Во шведскиот град Хелсинборг смрт на маж предизвика повици да се забранат е-тротинетите еден ден по нивното пуштање во промет. Во Лондон, ТВ презентер почина додека возел е-тротинет по што следеа повици компаниите да ги објаснат сообраќајните правила подобро.
Компаниите беа фокусирани на развој на побезбедни модели, со поголеми тркала и подобри сопирачки. Тие додадоа и водич за безбедност за корисниците кои претходно не управувале е-тротинет, а се потенцираше и потребата да се користат шлемови. Но, велат дека тоа е сè што е во нивна моќ.
„Не можеме да го тргнеме човековиот елемент, што значи дека не можеме целосно да го отстраниме ризикот. За жал, не можеме да ги контролираме сите други“, вели Даниеле Селеј од компанијата за е-тротинети „Circ“, додавајќи дека е-тротинетите ќе мораат да „го пребродат првиот бран на медиумска бура“.
Зелена кавга
Рекламните најави беа дека е-тротинетите ќе ги одвлечат луѓето од нивните автомобили со тоа што ќе биде возможно едноставно возење со автобус, воз или трамвај.
Но, понова студија во Франција покажа дека последните трендови на мобилност засега не покажуваат големо намалување врз поседувањето автомобили. Напротив, потенцијално ги пренасочува корисниците од зелените мобилни опции: 44 проценти од луѓето велат дека со е-тротинетите го замениле пешачењето, а дополнителни 30 проценти изјавиле дека доколку немале е-тротинет би користеле јавен транспорт.
Многу помала анкета во Брисел ги потврдила истите резултати. При истражување на 150 корисници на е-тротинети, 59 проценти од нив изјавиле дека би пешачеле, додека 31 процент би возеле велосипед или јавен транспорт доколку немале е-тротинет.
„Се уште е рано. Првите корисници веќе имаа исправен однос. Додека оние кои треба да се убедат да се откажат од своите автомобили имаат потежок мајндсет од кој треба да излезат“, вели Селеј.