ДЗС: Намален бројот на членови и корисници на библиотеките последниве три години

За скоро 50 илјади лица е намален бројот на членови во библиотеките во Северна Македонија последниве три години, додека опаѓа и бројот корисници на овие установи, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Додека во 2016 година имало нешто над 131 илјади членови на библиотеките низ земјава, лани имало скоро 83 илјади. Истовремено опаднал и бројот на корисници на библиотеките, од 893.409 во 2016 година, на 851.600 во 2019 година.

Најголем пад во бројот на членови има кај високошколските и општонаучните библиотеки, додека најголем пад во корисници има кај библиотеките – национални установи.

Според податоците на ДЗС иако во споредба со 2016 година бројот на библиотеки во Северна Македонија останал ист, вкупно 175, последниве три години за скоро 10% се намалил и бројот на специјализираните библиотеки. Во периодот од 2016 до 2019 бројот на специјализирани библиотеки опаднал од 52 на 47, а една помалку има и библоитека – национална установа.

Во меѓувреме најмногу е зголемен бројот на високошколски библиотеки, од 62 во 2016 на 67 во 2019 година, а за една библиотека е зголемен и бројот на јавните/народни библиотеки, од 51 на 52.