Филмот „Џокер“ е адаптација на стрип ликот и негативецот од серијалот на Бетмен, при што во значителна мера пренесува форми на вандализам,екстремизам, насилство и нарушено психичко здравје. После широката заинтересираност и гледаност, филмот предизвика многу позитивни, но и негативни реакции. Дел од нив се однесуваат на тоа какво влијание има Џокер врз младата публика, која и покрај ограничувањето има можност да го гледа филмот. Трилерот е ограничен за публика под 16 години со потреба од придружба на родител или старател. Но и покрај тоа, во македонските кина неретко можат да се забележат помлади малолетници кои купуваат билети за да го гледаат „Џокер“.
Укажувајќи кои се опасностите од гледање содржини несоодветни на возраста, психологот Јасмина Јовчевска укажува дека детската психа реагира на се` она што е нагласено.
„Во отсуство на контрола и регулација на содржините според возраста, она што се пласира во филмовите станува моќна сила која може лесно да управува со времето, настаните па дури и да стане нивни живот, особено кога детето започнува да ги стекнува своите искуства преку телевизиските филмови. Така кај децата може да доведат до промени во расположение, несигурност, збунетост, вознемиреност и страв, чие што дејствие на филмовите од типот на трилери го управува негативецот, каде што тој или таа преставува пречка што главниот јунак мора да ја надмине па значително се користат и напнати сцени, брзо дејствие чија цел е да предизвика напнатост, засилување на адреналинот, возбуденост. За децата е од особено значење да гледаат нешто квалитетно од кое ќе може да се извлече поука, што ќе им биде од корист во иднина, како еден аспект за подобар личен раст и развој“, вели таа.
Со сличен став е и нејзината колешка, психологот Татјана Ангелоска Ристовска. Таа ја потенцира одговорноста на родителите.
„Овој жанр не е пожелен за гледање од страна на малолетна публика, па треба да има назнака за тоа. Но доколку тоа не се почитува може да има последици кај децата, особено доколку се поистоветат со глумецот и неговите постапки. Затоа родителите мора да водат грижа што гледаат нивните деца, затоа што сега може се` да се гледа и на интернет, па уште поважна е контролата на родителите. Што се однесува до психолошкото влијание, истиот може да предизвика пројавување на девијантни појави кај младите доколку не го разберат на адекватен начин, нарушување во нивното однесување, па дури и да поттикне агресија“, смета Ангелоска.
АВМУ и Правилникот за заштита на малолетните лица
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) има најмногу искуство во класификациите на филмови според возраста. Категоризација на програмските содржини се прави според критериуми од Правилникот за заштита на малолетните лица. Тие немаат ингеренции врз кината, туку само за радиодифузниот простор (радијата и телевизиите), но укажуваат дека и Агенцијата за филм ги презеде постојните предупредувачки ознаки од истиот правилник.
„Ако, пак, внимателно ги читате насоките од класификацијата што ја прави Агенцијата, ќе ги забележите фразите – „не се препорачува“ – за одредена возрасна група гледачи, односно – „се препорачува“ надзор од родител или старател. Оттаму, уредниците на програмата се должни да направат најсоодветна класификација на програмската понуда и врз основа на тоа навремено да ја предупредат потенцијалната публика за категоријата програма што (ќе) ја прикажуваат, но примарната одговорност за тоа што, од програмата ќе се споделува во семејна атмосфера – паѓа врз воспитната улога на родителите или старателите“, децидни се од АВМУ.
Од Агенцијата велат дека до нив стигаат поплаки од граѓани по различни основи, не само играна програма, туку и за реклами, па дури документарни филмови. Агенцијата е должна да ги провери наводите во претставките, и на писмено и по електронска пошта да му одговори секому.
Ангела Илиевска