Џиновски часовник во Њујорк одбројува до климатската катастрофа

Колку време останува пред светот да се соочи со неповратна климатска катастрофа која ќе го промени начинот на кој живеат луѓето? На ова прашање, точно во секунда, одговор дава нов дигитален часовник кој се појави во Њујорк.

„Климатскиот часовник“ на уметниците Ган Голан и Ендрју Бојд со црвени бројки предупредува дека има уште 7 години, 100 дена, 2 часа, 18 минути и 17 секунди додека не биде потрошен максимално дозволениот износ на емисии на јаглерод диоксид во атмосферата, според сегашниот начин на функционирање, за да се лимитира глобалното загревање на 1,5 степени над пред индустрискиот период.

Уметниците велат дека по овој рок, светот влегува во непредвидлив период во кој се очекуваат уште повеќе поплави, пожари, зголемен глад и масовно човечко раселување.

Под него со зелени бројки е запишан процентот на светската енергија која во моментот се добива од обновливи извори на енергија. Таа цифра во моментов изнесува 27,74%.

„Се надеваме дека овој часовник ќе биде светилник кој ќе поттикне климатска акција“, објаснува Голан.

Проектот е отворена база на податоци и уметниците повикуваат и други активисти низ светот да ги поставуваат овие „најважни бројки во светот“ насекаде.

„Веруваме дека ваквите џиновски часовници, видливи на јавните места низ светот, и помали на универзитетите, училниците и корпоративните ходници, од кои сите покажуваат ист број, можат да не здружат. Потребно ни е сите во светот да ги `синхронизираме часовниците`“, додава уметникот.

На местото каде што е поставен часовникот во Њујорк, на јужната страна на Јунион Сквер, претходно се наоѓаше култниот часовник „Пасаж“, кој го покажуваше моменталното време и преостанатите часови до крајот на денот.

Идејата на уметниците била поттикната и од посетата на најпознатата климатска активистка, Грета Тунберг, која при посетата на САД минатата година побарала од нив да направат минијатурен часовник со истите бројки со цел да му го покаже на Генералниот секретар на Обединетите Нации. Голан и Бојд велат дека таа и понатаму постојано го носи овој часовник со неа.