„Џез за чудаци 4“ на 17 септември во „Буква“

Во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје во среда (17 септември) од 21:30 часот ќе се случи „четворката“ од музичкиот импровизирачки серијал „Џез за чудаци“.

Овој пат, колективот музичари што ќе засвири под сијаличките на „Буква“ ќе биде составен од Дарио Циевски и Драган Теодосев на тапани, Дориан Јовановиќ и Мартин Џорчев на бас, Нинослав Спировски и Васко Бојаџиски на саксофон, додека Филип Букршлиев ќе биде гитарист.

„Музика за оние што би стапиле во брак само за да можат на веселбата да споделат похован кашкавал со најблиските и што секогаш плачат на документарни емисии за архитектура; можат со часови да зјапаат во чешмата што прокапува, бескрајно фасцинирани од интригантниот синкопиран ритам на последователните капки; никогаш не се враќаат по истиот пат по кој што тргнале и многу се загрижени поради фактот дека промајата може да биде свесно, со јасна намера генерирана и дека не постои законска регулатива за контрола на безбедното количество на промаја, чие што надминување автоматски ќе биде сметано како употреба на биолошко оружје; не се нервираат кога ќе изгубат некој предмет, туку го поздравуваат како стар пријател што решил да продолжи понатаму без нив и му ветуваат дека ќе го паметат само по добро; не се способни да го изедат последното парче леб во ќесата затоа што не сакаат да бидат тие што ќе му пресудат на последниот залак и со гордост носат чорапи со дупка кај палецот; никогаш со светлата не им сигнализираат на возачите во спротивниот правец дека зад кривината чека полициско возило и секогаш, ама баш секогаш, во маркет ја враќаат кошничката на место за да може да ја користи некој друг…“, стои во најавата за настанот.