Вториот дел од импровизирачкиот серијал „Џез за чудаци“ што се одржува во скопската кафе-книжарница „Буква“ ќе се одржи утре (вторник, 26 август) од 21:30 часот.
Музичари што ќе свират се Васко Бојаџиски – алт саксофон, Мартин Џорлев – бас, Филип Букршлиев — гитара и Дарио Циевски — тапани.
„Музика за тие што за време на нивниот студенски престој во Улицата како Образовна Институција од Витално Значење немале баш добри оцени и затоа сега сѐ уште упорно воскликнуваат ‘Здравоживо!’ кога се разминуваат со соседите, иако соседите од ден на ден сѐ повеќе и повеќе го забрзуваат чекорот и ја наведнуваат главата за колку што е можно побрзо, безвучно и неприметно да минат покрај нив; но тоа не е проблем, ним душата им е мирна и блажена бидејќи знаат дека и лошите поети се сепак токму тоа — поети; тие никогаш не испуштаат ниту една прилика за да им го пресечат векторот на движење на црните мачки, бидејќи очајно им треба токму тој вид на несреќа; помрднувањето од место воопшто не им е предуслов за да се изгубат или да појдат на долго патување и кога ќе направат бенд со другарчињата не итаат веднаш за да се сликаат покрај некои рушевини или напуштена пруга; знаат дека Thelonious Monk најмалку би сакал композициите да му се свират баш како што се напишани и се кикотат како хиени кога ќе чујат созвучје од нескладни тонови; тие никогаш со светлата не им сигнализираат на возачите во спротивниот правец дека зад кривината чека полициско возило и секогаш, ама баш секогаш, во маркет ја враќаат кошничката на место за да може да ја користи некој друг…“, стои во најавата за настанот.