Двојно гласање: Референдуми против „мигранти“ заедно со локалните избори

Граѓаните на најмалку две општини во Македонија на 15 октомври, освен што ќе избираат нови локални власти, ќе може да гласаат и на референдуми за или против отфрлање на Стратегијата за интеграција на бегалци и странци подготвена од Министерството за труд и социјална политика. Општините Штип и Кавадарци веќе донесоа одлуки за референдуми, а планот, барем во Штип, е граѓанското изјаснување да се одржи на истиот ден со изборите, објави newsroom.

Веднаш по објавувањето на нацрт-верзијата од оваа Стратегија, таа стана предмет на жестоки политички пресметки во кои опозицијата ја напаѓа власта дека планира „масовно населување мигранти“ во градовите во Македонија, додека власта одговара дека документот е меѓународна обврска на Македонија и тој воопшто не значи дека во земјава ќе има доселување бегалци или изградба на домови за нив. Паралелно се појави и граѓанско движење што се нарече „Будење“, кое собира потписи против „населувањето мигранти во Македонија“, ширејќи пораки како „мигрантите ќе бидат присутни во твоето, нашето маало, ќе одат на училиште со нашите деца, ќе го земат твоето работно место, доселувањето мигранти значи и пораст на стапката на криминалот и насилството“ итн.

Партијата ВМРО-ДПМНЕ официјално се дистанцира од акцијата за собирање потписи, но токму нејзините пратеници и градоначалници најмногу зборуваа за „ризиците од масовното населување мигранти“ во земјава. Исто така, во двете општини што донесоа одлуки за референдуми, токму советниците на ВМРО-ДПМНЕ беа тие што гласаа „за“ (13 гласа во Штип и девет во Кавадарци). Движењето „Будење“ деновиве организираше собирање потписи и во Ѓорче Петров, Гази Баба, Карпош, Аеродром, Битола, Куманово, Гевгелија и во други општини, па очекувањата на политичките аналитичари се дека во наредниве неколку дена е можно и други општини да донесат одлуки за одржување референдуми, со образложение дека тоа го побарале граѓаните.

Според членот 37 од Законот за референдум и други облици на непосредно граѓанско изразување, кога референдумот се одржува на локално ниво, од денот на објавувањето на одлуката на советот во службеното гласило на општината, до денот на гласањето, треба да поминат најмалку 25 и најмногу 40 дена. Ова остава простор за други општини да донесуваат одлуки за локални референдуми за Стратегијата сé до средината на септември, за тие да можат да се одржат на 15 октомври, пишува newsroom.