„Двојниците“ Шукуровска и Продановски стигнаа до ББЦ

„На мала македонска политичка партија, која постојано за изборите предложува луѓе кои имаат невообичаено слични имиња со нивните противници, овој пат им беше одбиена листата со кандидати“, пишува угледниот ББЦ, цитирајќи текст на Балкан Инсајт.

Британскиот јавен медиумски сервис додава дека Државната изборна комисија нашла бројни нерегуларности на кандидатските листи на Социјалдемократската партија на Македонија (СДПМ) за претстојните парламентарни избори, меѓу нив и неточни потписи.

ББЦ пишува дека СДПМ често назначувала кандидати со безмалку исти имиња како кандидатите на најголемата опозициска партија Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), на што се гледало како обид да се излажат гласачите да го дадат гласот за друга партија од онаа за која планираат.

Стево Продановски и Радмила Шукуровска  биле предложени од СДПМ – имиња слични на Стево Пендаровски и Радмила Шеќеринска, кандидатите од СДСМ. „Имавме многу проблеми со оваа фантомска партија во минатото. На таков начин тие успеаја да прелажат неколку илјади гласачи во минатото“, рекол портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

ББЦ објаснува и дека граѓаните на Македонија не се единствените кои се соочиле со ваков проблем. Во јуни, романски град имаше три кандидати со потполно исти имиња на гласачкото листе за избори на градоначалник – актуелниот градоначалник, Василе Цепош и уште два противкандидати со истото име, за кое исто така се сметаше дека е тактика на опозициските партии.

Ваква конфузија можеби доведе и до 10 илјади луѓе кои гласаа за литералдемократскиот кандидат на британските европски избори во 1994 година. Тоа поттикна судски процес од многу попознатите либералдемократи, кој конечно доведе до закон кој забранува користење на имиња наменети да предизвикаат забуни со постоечките партии, пишува ББЦ.