Во состав на Европската недела на мобилност што се одржува од 21-27 септември, Федерацијата за рекретивен спорт и Спортскиот оддел при Детскиот културен центар „Карпош“, а со поддршка на асоцијацијата за спорт и култура ISCA од Данска и Агенцијата за млади и спорт, ќе организираат забавно рекреативни игри под мотото „Движи се за здравје“.
Целта на оваа манифестација, како што информираат од ДКЦ Карпош е вежбањето да се претстави како забавна активност. За време на целата недела на движењето организаторите најавуваат забава во трчањето, скокањето, качувањето и танцувањето.
Манифестацијата е од забавно рекреативен карактер и подразбира вежби за подобрување на моторичкиот развој кај децата од рана предучилишна возраст.
Од секоја градинка од Скопје и околината ќе учествуваат по пет момчиња и пет девојчиња од најголемата група,а на манифестацијата ќе има вежби и со велосипед или тротинет.
Манифестацијата ќе се одржи во четврток (21 септември), со почеток во 10 часот на платото пред фонтаната Лотос во Градскиот парк.