Две партии поднесоа приговори, се чека нова одлука од ДИК

До Државната изборна комисија (ДИК) синоќа беа поднесени 16 приговори кои се однесуваат на текот на гласањето на предвремените парламентарни избори на 11 декември, но и за постапката на утврдување и на сумирање на гласовите.

И СДСМ, и движењето Беса поднесоа по 8 приговори. Рокот за приговори за гласањето истече синоќа во 19 часот, односно, постапката за сумирање и за утврдување на резултатите согласно законот истече на полноќ.

ДИК има рок од 48 часа да одлучува по поднесените приговори. Откако во ДИК ќе заврши постапката и Комисијата ќе се произнесе, сите подносители на приговори имаат право да поднесат тужба до Управниот суд. И за тоа имаат дополнителни 24 часа. Управниот суд има рок да одлучи во рок од 48 часа.

„Ова значи, на 20 декември најдоцна, доколку сето ова се случува во меѓувреме, ДИК треба да ги објави конечните резултати“, рекоа од ДИК.

Граѓанската асоцијација МОСТ веќе апелираше до Државната изборна комисија сериозно да ги разгледа сите приговори и да одлучува конзистентно во согласност со Изборниот законик и меѓународните практики.

„Имајќи предвид дека со оглед многу малата разлика во гласовите на учесниците во изборите, нејзините одлуки можат да влијаат на конечните резултати и распределбата на мандатите во одредени изборни единици“, рекоа од МОСТ, чија прелиминарна оценка е дека изборниот ден помина со висока излезност, нерегуларности при гласањето и сериозни показатели за поткуп и притисоци врз гласачи на одредени гласачки места.

Инаку, според првичните резултати што ги објави ДИК, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата има 51 мандат, СДСМ со коалицијата 49 пратеници, ДУИ 10, БЕСА 5, Алијанса за Албанците 3, а ДПА – 2 пратеници.

ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека треба што побрзо да формираат влада, да се фокусираат и да го „намалат јазот меѓу граѓаните“. Од СДСМ, пак, тврдат дека доколку овие нивни забелешки (приговори) бидат прифатени од ДИК, резултатот од изборите ќе биде поинаков. Односно, како што тврдат, во тој случај бројот на пратенички места би бил 50 – 50.

И Беса сметаат дека доколку нивните приговорите бидат прифатени, тие ќе добијат еднo или две пратенички места повеќе на сметка на ДУИ и на ВМРО – ДПМНЕ.