Основниот кривичен суд Скопје го осуди на 12 години казна затвор Васил Јованов кој на 29 јануари оваа година ја прегази Фросина Кулакова на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје, на пешачки премин, под дејство на алкохол, со возење од 91 километар на час и без да има возачка дозвола.
Таткото на загинатата, Тодор Кулаков, ја напушти судницата уште пред да биде дочитана пресудата.
„Судот – мафија“, викаше тој незадоволен од досудената казна.
Мајката и сестрата на Фросина останаа во судницата. Сите носеа маички на кои пишуваше „Правда за Фросина“, а со исти маички беа и дел од поддржувачите во задниот дел на судницата.
Тие од почеток бараа максимална казна за сторителот, а тоа е 20 години затвор. Судот ги упати оштетените, семејството на Кулакова своето оштетно побарување да го остварат во Граѓанскиот суд Скопје.
Судијката Снежана Марковска кажа дека при одлуката судот ги земал во предвид сите олеснувачки и отежнувачки околности. Kако олеснителни ги ценел признанието на вина и чувството на вина, како и свесноста за степенот на кривичното дело што го сторил и последиците, возраста и немањето доволно искуство, поранешениот живот – активен студент и спортист и неговото однесување по сторувањето на делото.
„Како отежнителни интензитетот на дејствијата и прекршување на голем број бланкетни норми од Законот за сообраќај, како и степенот на опасност од предизвикување на ова дело и тоа што обвинетиот е претходно осуден на казна затвор од три години и десет месеци за недозволена трговија со дрога и фактот што против него пред судот се отворени уште неколку постапки за поминување на црвено и загрозување на животот на пешаците и целосно игнорантскиот однос кон нив. Особено како отежнителна околност судот ја цени загубата на еден млад живот, што најмногу ја чувствуваат родителите и семејството“, рече Марковска.
Таа дополни дека судот внимавал на целите од законот и сите околности при изрекувањето на висината на казната.
„Обвинетиот Васил Јованов е виновен затоа што без возачка, на црвено, под дејство на алкохол поминал на пешачки и удрил во пешакот Фросина Кулакова, која поминувала на зелено светло, и од кои се здобила со тешки повреди од кои на лице место настапила смрт. Судот го осудува на казна затвор од 12 години, во кое му се засметува и времето поминато во притвор, забрана за управување со возило од пет години и да плати парична казна и трошоци за судската постапка“, рече судијката Марковска.
Јованов има право на жалба, но не за изречената казна затвор туку само за висината на казната односно 12 години затвор.
Инаку, случајот со Фросина Кулакова досега поттикна големи реакции во јавноста, имаше и неколу протести, а воедно од случајот произлезе и граѓанската иницијатива „Кој е следен?“.