„Државно си е државно“ – младите бараат спас во јавна администрација

Младите најмногу посакуваат да работат во државната администрација, а многу мал дел од нив се гледаат како вработени во приватниот сектор. Анкетите покажуваат дека неверојатни 90 проценти од студентите од завршните години сакаат да се вработат во јавната администрација, а само 10 отсто би почнале свој бизнис, истакна вчера министерот за економија, Ваљон Сараќини.

„Државно си е државно“ - младите бараат спас во јавна администрација

Според познавачите, излезот од ваквата ситуација може да се бара само во оживување на приватниот сектор и отварање на нови работни места.

Професорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, Мирољуб Шукаров за Радио МОФ вели дека државата мора да го направи реален и жив приватниот сектор.

„Сите нормални држави во светот во ваква ситуација би се труделе да го направат атрактивен реалниот сектор и да создадат нови работни места. Се забележува неспособност и немоќ на Владата да се справи со проблемите кои се пред неа и таа самата создава атмосфера луѓето да се чуствуваат сигурно во јавната администрација“, вели Шукаров.

Според анализите на Младинскиот образовен форум, 37,4% од средношколците, доколку имаат избор каде да работат, би го избрале државниот сектор, 34,8% бизнис секторот, а само 10,8% би го избрале невладиниот сектор. 6,7% од младите, пак, воопшто не би работеле ако имаат услови за тоа.

Антони Пешев, претседател на Собранието на Стопанската комора на Македонија за Радио МОФ вели дека Македонија ќе има сериозен проблем да ги зачува младите во Македонија, бидејќи постои голем процент на високообразован кадар кој доколку не најде работа во земјава, лесно ќе најде место за себе во странство.

„И покрај тоа што имавме поголеми инвестирања во едукацијата, малку е направено за програмите кои би ги задржале младите во земјава“, додава Пешев.

Младите тешко се решаваат да стартуваат свои бизниси, а ова според Пешев се должи на ограничениот пристап до финансиски средства и конзервативноста на банките кои немаат програми за поддршка на старт ап проекти.

„Македонија е мал пазар, па така младите се двоумат дали ќе најдат пласман за нивните производи. Недостасуваат алтернативни извори на финансирање како инвестициски фондови или бизнис ангели. Пристигаат нови генерации а администрацијата е преголема отколку што треба да биде. Потребна е промена на едукативните програми во високообразовните институции. Се работи за пакет мерки кои треба да се спроведат и оваа ситуација не се менува преку ноќ“, вели Пешев.

Македонија е европски лидер по невработеноста кај младите. Според податоците на Државниот завод за статистика, 58% од младите лица на возраст од 15 до 24 години се невработени.