Државните и приватните згради за 20 години ќе мора да се енергетски ефикасни, предвидуваат измените на законот

Во следните 20 години ќе треба да се трансформираат јавните, станбените и деловните објекти во енергетско ефикасни згради. Државните и општинските објекти ќе имаат обврска годишната заштеда на енергија да ја зголемат од еден на три отсто, како и секоја година да прават задолжителна реконструкција на најмалку три отсто од вкупната површина, особено оние кои не ги исполнуваат минималните барања за енергетски карактеристики. Исто така, кога ќе се градат нови училишта, градинки и други јавни институции, или ќе се прави значајна реконструкција на постоечките, ќе биде задолжително да се вградуваат сончеви колектори за топла вода, каде што е технички и економски изводливо. Јавните институции ќе бидат обврзани и да набавуваат производи, возила и згради со највисоки енергетски и еколошки стандарди, објавува агенцијата Мета.мк.

Ова се дел од новините кои ги предвидуваат измените и дополнувањата на Законот за енергетска ефикасност. Како што информираат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Владата ќе усвои 20-годишна стратегија за реконструкција на станбени, јавни и комерцијални објекти, кои ќе се трансформираат во енергетски ефикасни згради со речиси нулта потрошувачка. Јавниот сектор, енергетските компании и потрошувачите ќе бидат обврзани да ги применуваат најдобрите трошковно-ефективни мерки за оптимизација на енергетските системи, вклучително и технологии базирани на ОИЕ.

Министерството, во соработка со СОЗР, подготвува предлог план за реконструкција на згради од јавниот сектор на државно ниво, кој на годишно ниво опфаќа реконструкција на најмалку 3 отсто од вкупната корисна подна површина на зградите објавени во списокот на зградите со вкупна корисна подна површина од над 250 m2, кои не ги исполнуваат минималните барања за енергетски карактеристики.

Од Министерството велат дека ќе донесат и уредби и програми за поддршка на реконструкциите наа зградите и дека ќе бидат организирани јавни повици за доделување на средства од мерките.

„Со измените се прави суштински исчекор кон намалување на потрошувачката на енергија, намалување на емисиите на стакленички гасови и интеграција на обновливите извори на енергија (ОИЕ). Со предложеното законско решение се обезбедува усогласување со ЕУ стандардите, се поттикнуваат економски придобивки и се овозможуваат законски придобивки за граѓаните, кои би довеле до пониски сметки за енергија, подобра заштита на животната средина и отворање на нови зелени работни места, велат од Министерството.