ДЗР со неповолно мислење за финансиските извештаи на Државниот санитарен и здравствен инспекторат за 2024

Државниот завод за ревизија (ДЗР) изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, на сметката на основен буџет (637) за 2024 година, при што изрази неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи и мислење со резерва за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива.

Од ДЗР информираат дека за Инспекторатот не била спроведена ревизија ниту бил издаден извештај за финансиските извештаи за годините што ѝ претходат на 2024 година.

Со ревизијата се утврдени повеќе неправилности, меѓу кои неусогласеност меѓу сметководствената и материјалната евиденција на постојаните средства, како и нецелосно спроведен попис, со недоследно почитување на одредбите од Правилникот за сметководство на буџетите и буџетските корисници. Забележана е и некомплетност на персоналните досиеја и неточна пресметка и исплата на додатокот за работа со висок ризик.

Дополнително, во делот на инспекцискиот надзор во санитарно-хигиенската, епидемиолошката и здравствената заштита, ревизорите утврдиле состојби што влијаат на квалитетот на инспекциската постапка.

Ревизијата дала препораки за преземање мерки и активности од одговорните лица со цел подобрување на состојбите. Во делот на континуитетот во работењето се нагласува промената на правниот статус на Инспекторатот, кој продолжува да работи како орган во состав на Министерството за здравство, но го губи статусот на буџетски корисник од прва линија.

Не се примени забелешки по Нацрт-извештајот на овластениот државен ревизор.

Извор

Фото: Freepik