Државен студентски дом Скопје: Ги трпиме последиците од недомаќинското работење

„Сегашното раководство со институцијата управува од месец март 2018 година. Што се однесува на предходните години, последиците од недомаќинското работење во изминативе 10 години ги трпи и Државниот студентски центар (ДСД) заедно со студентските домови. Токму од тоа работење институцијата се соочи со долг во висина над 300 милиони денари кои сегашното раководство за нецели 2 години го намали за повеќе од половина“, велат од ДСД Скопје, по објавувањето на истражувањата на МОФ со информации дека, меѓу другото, на секој трет студент сместен во студентски дом во Скопје му следувало по едно канче кисело млеко во месецот, и месечно можел да изеде по еден и пол килограм месо, или по една банана.

Од ДСД реагираат дека податоците во истражувањата биле од 2015-2018 година, што беше истакнато и во самото истражување на МОФ.

Според ДСД „недомаќинското работење на предходна власт ги запусти домовите до степен на потсмев кај домашната јавност“.

„Раководството кое сега управува со студентските домови се соочи со речиси секојдневни дефекти во инсталационата мрежа поради која студентските домови во зимскиот период многу често имаа недостаток на топла вода и греење. Денеска по само 2 години студентите ги немаат овие проблеми. Раководството и оваа Влада реализираше и отпочна инвестиции кои во голем дел ги решија дефектите“, велат од ДСД.

Според ДСД, исплатени се долговите на режиските трошоци поради кои домовите биле нефункционални, се намалил долгот на институцијат  и се реализираат инвестиции во сите студентски домови.

„Студентите во В и Г Блоковите во студентскиот дом „Гоце Делчев“ добија комлетно внатрешно уредување, а во тек е уредување на дворот. Се уреди и дворот на студентскиот дом ‘Кузман Јосифовски Питу’, а се ставија во функција и неколку запуштени простории. Во моментов таму се изведува видео надзор во насока на безбедност на студентите. Исто така потпишан е и договор со германската КфW банка преку која се обезбедени средства за целосна реконструирање студентскиот дом во делот на енергетската ефикасност. За студентскиот дом ‘Стив Наумов’ се работи техничка документација за зградите 1 и 2. Студентите во овој дом ќе добијат комплетно реновирање со што домот ќе има целосно нова слика“, се вели во соопштението на ДСД.

Од таму тврдат дека по цели 16 години се променило и менито во исхраната, а во појадокот е воведен здрав оброк-смути.

„Паралелно со инвестициите Државниот студентски дом остварува соработка со општествено одговорни компании преку кои студентите добиваат можност за посета на обуки и академии надвор од студиите. Преку Меморандумите за соработка се обезбедуваат и донации кои служат за подобрување на студентскиот стандард“, стои меѓу другото во соопштението на ДСД.

Покрај истражувањата на МОФ, во контекст на условите и животот во студентските домови, Радио МОФ неодамна сними видео со студент од домот „Кузман Јосифовски Питу“.

#30ПрашањаСо студент во „Кузман“

Кога твојот студентски живот би бил филм, како би се викал?- Самоуништување. Погледнете 30 прашања и 30 одговори со студентот Александар од студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“ во Скопје*Секоја сличност со форматот на видеата на владините функционери е намерна ;)

Posted by Радио МОФ on Friday, 17 January 2020