Државен натпревар по класични јазици за средношколци

Во организација на здружението „Антика“ и Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет во Скопје, во сабота (12 мај) на Филозофскиот факултет во Скопје ќе се одржи 47-иот Државен натпревар по класични јазици за учениците од гимназиите и средните училишта од Република Македонија.

На натпреварот учествуваат ученици од средните училишта од цела Македонија. Учениците се натпреваруваат во три категории за латински јазик според степенот на изучување на јазикот и според струката: почетно и продолжително ниво за гимназија и здравствена струка и една категорија старогрчки јазик: почетно ниво.

Натпреварите финансиски ги поддржува Филозофскиот факултет. Во организацијата активно учествуваат и студентите од Институтот за класични студии. За време на натпреварите натпреварувачите ќе можат да се запознаат со студиската програма и со активностите на Институтот за класични студии и на Филозофскиот факултет.

За време на натпреварите здружението „Антика“ вообичаено го одржува своето Годишно собрание. Формирано во мај 2001 година, во него членуваат професионалци и студенти кои се занимаваат со истражување, унапредување на образованието и наставата по класичните јазици и литература, преведување на дела од класичните автори, негување на античкото наследство во Македонија и популаризација на класичната филологија.

Од 2004 година е член на Европската асоцијација за класични јазици и цивилизации ЕВРОКЛАСИКА, федерацијата на национални здруженија на професори по класичните јазици од европските земји. Од пред четири години е член на „The International Federation of Associations of Classical Studies“ (FIEC), меѓународна асоцијација на здруженија на класични филолози. Здружението го издава електронското списание „Systasis“.