Државата собира многу данок, а малку вложува во заштита на животната средина

Република Македонија е уникатен случај на држава во која се собираат повеќе даноци поврзани со животната средина отколку што се вложува за нејзината заштита. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во 2015 година биле уплатени даноци поврзани со животната средина во износ од 105.274.000.000 денари, додека една година подоцна во трошоци за заштита на животната средина се издвоиле скромни 9.778.945.000 денари, објави Build.mk.

Поаѓајќи од ваквите пресметки, произлегува дека само една десетина од средствата собрани од даноци за животната средина се насочуваат кон инвестиции во нејзината заштита.

Статистичарите утврдиле дека од даноци за енергенти во 2015 година се собрани 67.966.000.000 денари, додека од даноците за транспорт се инкасирани 36.318.000.000 денари во буџетот.

Порталот како најинтересни како од сите овие го посочува данокот за загадување кој учествувал во буџетот за 2015 година со 989.000.000 денари.

„Даноците поврзани со животната средина се еден од економските инструменти за контрола на загадувањето и за управување со природните ресурси што имаат за цел да влијаат врз однесувањето на економските субјекти, производителите и потрошувачите“, стои во извештајот.

Само една година подоцна, во нашата земја биле инвестирани многу помал квантум на средства кон заштитата на животната средина. На пример, за заштита на воздухот се вложени само 605.216.000 денари, додека за управувањето со отпадни води биле пренасочени средства од 3.308.513.000 денари. Овие поразителни бројки за работењето на државните власти и на локалните самоуправи доаѓаат само неколку месеци откако весникот „Гардијан“ ги вметна Скопје, Тетово и Битола во листата на десет европски градови со најзагаден воздух со штетните ПМ 2,5 честички, пишува Build.mk.