Државниот студентски дом Томе Стефановски – Сениќ ќе биде надвор од употреба 18 месеци: Разговор со директорот Иван Симоновски

„Според мене ова е најдобриот студентски дом, храната е одлична и секоја соба има свој посебен тоалет“ – Вака студентите со кои разговараше редакцијата на Радио МОФ говореа за студентскиот дом „Томе Стефановски – Сениќ“.

Иако при стапнување во објектот ве дочекува табла која е скршена со години и објекти кои се надвор од функција поради субстандардни услови, за студентите има добра вест – овој објект целосно ќе се реконструира и сѐ, почнувајќи од екстериерот, фасадата на зградата, електричната инсталација, како и инвентарот и санитаријата ќе бидат комплетно нови. Наредниот период – 18 месеци Државниот студентски дом „Томе Стефановски – Сениќ“ ќе биде надвор од употреба, но студентите ќе се распределуваат во другите студентски домови ДСД „Гоце Делчев“, „Стив Наумов“ и др.

Во разговорот со директорот на ДСД Сениќ, м-р Иван Симоновски, откривме дека од следната академска година, овој дом ќе биде надвор од употреба, а на негово место наредните година и половина ќе има активно градилиште. Како што истакнува Симоновски, ова е дел од програмата на МОН која утврдува дека на територија на Македонија не смее повеќе да има ниту еден студентски дом кој е со субстандардни услови. Иако Симоновски потенцира дека во последните неколку години имиџот на ДСД Томе Стефановски – Сениќ е значително опаднат, тој како носител на одлуки се заложил за подобрување на она што било во рамки на можностите со кои располагал. Вели дека кујната е значително подобрена со нови мениа и исхрана која е топла, свежа и која ги задоволува највисоките стандарди за подготовка на храна. Една од капиталните промени кои ја има воведено во рамките на својот едногодишен мандат како директор на домот е поставување на корнизи со завеси кои ја држат собата темна во утринските часови и приватноста на студентите заштитена.

Сепак, самиот признава дека тоа не е доволно и дека на домот многу му недостига. Наследил големи долгови и буџет кој е многу мал да ги покрие сите предвидени цели од неговата програма. Се надева дека по реконструкцијата на студентскиот дом и студентските стандарди на студентите од Македонија значително ќе се подобрат. За сето тоа не е доволно само да се има програма, туку и добра волја и соработка со студентите. Треба пред сѐ, потенцира тој, да се сослушаат нивните потреби и барања и самата управа да има повеќе слух за студентите. Целосниот пристап на управување и менаџирање потребно е да се промени од корен, да стане похуман и поетички кон самите лица на кои треба да им се испорачаат потребните услуги.

 

Вест и монтажа: Магдалена Стојмановиќ – Константинов

Камера: Исмет Шабановиќ 

Продукција ©Радио МОФ, 2026