Достапна веб-платформата solidarnost.gov.mk за донации за полесно справување со КОВИД-19

Во функција е веб-платформата solidarnost.gov.mk преку која граѓаните и правните лица ќе можат да донираат средства во солидарните фондови за борба против Ковид-19.

Платформата е изработена од Министерството за финансии во соработка со Меѓународниот републиканскиот институт (ИРИ), УСАИД, како и со поддршка на Министерството за здравство и Владата. Целта на новоотворената веб-страница е да се олесни процесот за оние кои што сакаат да донираат за полесно справување со кризата предизвикана од коронавирусот, како и да овозможи јавно признание на тие кои донирале и да поттикнува солидарност.

„Досега во овие два фонда се собрани околу 200 милиони денари. Дополнително ја креиравме платформа за едноставен и брз придонес, на секој кој може, да се приклучи во борбата против КОВИД-19. Solidarnost.gov.mk на брз и едноставен начин дава можност на сите граѓани и фирми да подадат рака во надминување на овој предизвик и да донираат, како и да се запишат во листата на донатори на страната. Донациите во двата солидарни фонда соодветно се наменети за набавка на опрема за здравството и за социо-економски мерки за поддршка на повеќе категории на граѓани на кои им е потребна помош“, вели министерката за финансии Нина Ангеловска.

Од досега собраните средства во фондот на Министерството за здравство, во кој донирале граѓани, компании и амбасади на странски држави, набавени се материјали и опрема за монтажната болница која го зголемува капацитетот на Инфективната клиника за повеќе од 70 кревети.

„Со останатите средства продолжуваме понатаму. Сакаме да набавиме и медицинска опрема за инфективните одделенија, не само во Скопје, туку и ширум земјата. Понатаму, во периодот што следи, сакаме да набавиме дигитални рендген апарати, дополнителен број на респираторни машини, апарати за компјутерска томографија. Оваа донаторска сметка на која што се собра сериозна сума на пари е нешто што ќе го искористиме за дополнително да се зајакне еден многу важен сегмент во нашиот здравствен систем, а тоа се токму одделенијата за интензивна нега во сите болници – општи, специјални, клинички и на Клиниката за инфективни болести во Скопје за да се зголеми квалитетот на здравствената заштита за нашите пациенти“, вели министерот за здравство Венко Филипче.

Средствата кои се донираат на сметката на Владата, пак, се наменети за социо-економски мерки и всушност претставуваат директна помош од човек на човек и подавање рака на оние категории граѓани кои што се најмногу погодени од кризата.

„Средствата од Солидарниот фонд на Владата ќе се наменат за повеќе категории граѓани на кои им е потребна помош. Ќе се користат за уметници, филмски работници, други самостојни културни работници, физички лица кои вршат авторски ангажмани во областа на културата за помош во справување со корона кризата, радиодифузерите, како и за помош и поддршка на микро, малите, средните и големите претпријатија кои ги трпат економските последици“, објаснува Драги Рашковски, генерален секретар на Владата.

Меѓу другото, solidarnost.gov.mk има за цел и да оддаде јавно признание и благодарност кон сите оние кои што оствариле донација за помош и поддршка во справувањето со последиците од корона кризата. При донирањето, физичките лица имаат можност да одберат дали нивното име и презиме и град ќе бидат јавно објавени на страната. Согласно законот за заштита на личните податоци, заштитени се личните податоци на сите оние донатори кои не сакаат нивните податоци да бидат објавени јавно.