ДОМ бара општина Аеродром да го поништи спорниот ДУП

ДОМ бара општината Аеродром да го поништи спорниот ДУП, со кој велат дека ќе се бетонираат големи површини зеленило во една од најзагадените општини. Во спротивно, ќе поведе иницијатива за преиспитување на уставноста на самата постапка за носење на ДУП-от, што дава можност за изрекување привремена мерка за стопирање на неговото спроведување.

„Апсолутно е спорна постапката за носење на ДУП-от, ставена како итна точка, без никакво образложение, но и донесувањето на истиот скандалозен план, без усвојување на ниту една забелешка од жителите на населбата. Згора на сѐ, ДУП-от се носи во лимбо период на локалната самоуправа, создаден поради политичката криза во земјата, кога всушност требаше да течат активностите за локалните избори.

Носењето на овој ДУП го оспоривме уште пред една година, кога реагираа и граѓаните што живеат таму. Тој е еден од оние проблематични ДУП-ови за кои бараме стопирање и ревизија, заедно со измени во законската регулатива за просторно и урбанистичко планирање, за градење, за градски архитект, како и носење на вистински Закон за урбано зеленило“, соопшти ДОМ.

Оттаму сметаат дека затоа, повеќе од итно е потребно формирање нова влада која ќе може да се посвети на заштита на животната средина и да ги слушне и испочитува потребите на граѓаните.

Инаку, жители на Аеродром за вечерва пд 18 часот најавија собир пред Општината во знак на протест против новиот ДУП, откако вчера општинскиот Совет во последен момент го стави на расправа и изгласа на седницата.