Аеродромци вечерва ќе протестираат пред општинската зграда против измените во ДУП-от

Жители на Аеродром за вечерва најавија собир пред Општината во знак на протест против новиот Детален урбанистички план, откако вчера општинскиот Совет во последен момент го стави на расправа на седницата. Овој ДУП веќе еднаш беше повлечен по реакциите на граѓаните, бидејќи зелените површини кај Мајчин дом ќе бидат претворени во висококатници.

Советниците доцна вчера ги изгласаа измените, така што 15 советници гласаа „за“и 10 гласаа „против“.

Активистите од здружението „Сакаме Аеродром да дише“ ги повикуваат граѓаните да излезат вечерва, во 18 часот, пред општинската зграда и да се спротивстават на како што го нарекуваат „шверцерското носење на измени во ДУП-от“.

Прв за случајот алармираше советникот на Општина Аеродром, Златко Марин преку својот Фејсбук профил, по што граѓани синоќа се организираа во мирен протестен собир пред Општината.

Синоќа преку официјалниот фесјбук профил на општината се јави и градоначалникот Ивица Коневски кој напиша граѓаните да не подлегнуваат на манипулациите и лажните вести на пратениците на СДСМ. Тој не одрекува дека ќе се градат зградите, но увери дека општината работи на подобрување на условите за живот.

„Секогаш при донесување на овие планови постапките се во согласност со законот и во транспарентна процедура. Конструкциите и лажните вести што тие ги шират се показател на нивната деструктивна политика што ја водат во нашата Општина. Приоритет на моето работење и на работата на Општина Аеродром е подигнување нови зелени површини, изградба на нови паркови и одржување на хигиената на високо ниво. Најдобар доказ за тоа е изградбата на повеќе од 10 нови паркови и садењето на повеќе од 50.000 нови садници само во последната година“, напиша Конески преку профилот на општината.