Документарецот „Ветената земја“ со награда од публика на „PriDox“ во Приштина

Документарниот филм „Ветената земја“ во режија на Чендрим Ријани и во продукција на „Triple S“, на 3 јули ја имаше својата интернационална премиера во рамките на програмата „PriDOX“ на „PriFest – Prishtina International Film Festival“, каде ја освои наградата од публика (Public Award – PriDOX), која што е и единствена награда за документарен филм која се доделува на фестивалот.

„Проекцијата се одржа на отворено, во прекрасниот простор на e.dh.e, каде што имаше одлични реакции од бројната публика, а коментарот за филмот беше дека се работи за ‘трогателен документарец што длабоко ја допре нашата публика, прикажувајќи еден помалку познат аспект на депортациите на Евреите од Скопско во 1943 година’“, истакнуваат од „Ветена земја“.

Инаку, „Ветената земја“ премиерно беше прикажан на 7 мај во киното „Фросина“ во Скопје. Филмот се базира на историски податоци собрани од албански историчари, но во голема мера има играна ориентација, бидејќи обработува уметничка реконструкција на вистински настани објавени во книгата „Мојот живот под нацистичка окупација – Мемоари на Мими Камхи Ергас – Фараџи“.