Документарец и дискусија со Димитар Самарџиев за пермакултурата

Кален и Иградина на 10 април во 19 часот во Менада организираат проекција на документарниот филм „Вовед во Пермакултурата“ и дискусија со Димитар Самарџиев.

„Ве покануваме да дојдете и заедно да го погледнеме документарецот и продискутираме на темата но исто така и на сето она што документарецот ќе го инспирира во нас. Па со надеж да потоа наученото го претвориме во акција на локално ниво“, повикуваат организаторите.

“Вовед во Пермакултурата“

Џеф Лотон нѐ води во светот на пермакултурата и ги објаснува основните концепти и начела на начин разбирлив за почетниците. Документарно-образовниот филм сликовито ги следи пермакултурните зафати на Џеф Лотон на фармата Зајтуна во Австралија. При што ги доловува долгорочните придобивки од пермакултурниот пристап кон животот, како и дизајнерските алатки што се применливи не само за екосистемско обликување на пејсажите, туку и за создавање фунционални животни услови што ги задоволуваат основните човекови потреби без претерано нарушување на околината. Преку филмот може да се научи нешто повеќе за зонирањето на просторот, анализите на условите, обрасците што може да се согледаат во природата и односите меѓу елементите во пермакултурниот дизајн. Еден од клучните филмови за доближување на пермакултурниот дизајн до пошироката јавност.

За Димитар:

Димитар Самарџиев е дипломиран пермакултурен дизајнер и основач на Иградина. Од 2010 година како член на Г.О. Зелената арка учествуваше при организацијата и изведбата на бројни настани, работилници, пермаблицеви и викенд обуки за вовед во пермакултурниот дизајн. Исто така учествуваше во изведбата на образовната градина во Центарот за социјални иницијативи – Надеж и ги одржува обуките по пермакултурен дизајн за корисниците и волонтерите на центарот. Во 2013 ја доби дипломата по пермакултурен дизајн на националната пермакултурна конвергенција во Хрватска. Во текот на 2015 и 2016 одржа два 72-часовни курсеви по пермакултурен дизајн, заедно со Огнен Ончевски и Александар Николовски, при што над дваесет учесници успешно ги исполнија условите за сертификат по пермакултурен дизајн. Од 2016 работи на изведбата на пермакултурниот дизајн за Иградина – показна шумска градина со плодоносни јадливи растенија, каде што се одржуваат обуки од областа на пермакултурниот дизајн и агроекологијата за возрасни и деца. Во текот на 2017 и 2018 ја спроведуваше програмата за хортикултурна терапија на корисниците во Специјалниот завод Демир Капија.