Догодина физибилити студија и тендер за нова фирма за чистење на арсенот во Лојане

Во 2023 година ќе се објави нов јавен повик за пронаоѓање концесионер што ќе треба да го отстрани арсенот и другите отпадни минерални суровини од јаловиштето на некогашниот рудник „Лојане“. Од Министерството за економија за агенцијата Мета.мк информираат дека ја започнале постапката за изработка на физибилити студија за доделување на концесија за експлоатација на техногена минерална суровина од поранешниот рудник „Лојане“.

„Во тек е постапка за прибавување на мислења од сите надлежни органи и од општина Липково, а согласно членот 41 став 3 и 4 од Законот за минерални суровини. По доставувањето на сите мислења, физибилити студијата се очекува да биде изработена во текот на 2023 година по што ќе се објави нов јавен повик за доделување на предметната концесија“, информираат од ова министерство.

Инаку, чистењето на арсенот и другите отпадни минерални суровини е заглавено веќе неколку години, поради фактот што претходниот концесионер – „Калтун Мадденџилик“ успеал да исчисти и продаде само 60 тони од вкупно 15.000 тони арсен сулфид, колку што е проценето дека се складирани во јаловиштето на некогашниот рудник „Лојане“. Поради ова, Владата на РСМ пролетва ја донесе одлуката за едностран раскин на договорот со турската компанија „Калтун Мадденџилик“ за концесијата доделена во 2014 година.

Пред да се избере новата фирма што ќе продолжи да го експлоатира арсенот од локацијата во Лојане, најпрво мора да се изработи физибилити студија за оправданоста на доделувањето на нова концесија од Министерството за економија, која е задолжителен чекор наведен во Законот за концесии и јавно-приватно партнерство.

Дополнително, концесионер досега воопшто не е избран за преостанатите 1.000 тони арсен и други отпадни материи што се расфрлани на депонијата која се наоѓа во близина на железничката станица кај Табановце.

Во меѓувреме, граѓаните од селата Лојане и Табановце се оставени сами на себе да се справуваат со опасноста која што ги демне од расфрланите отровни супстанци. Мета.мк и Порталб.мк минатиот месец пишуваа дека на контаминираното подрачје со арсен и други опасни метали не се вршат редовни лабораториски испитувања за присуството на овие отрови во водата, почвата и храната.

Во одговорите коишто ги добивме од Институтот за јавно здравје се наведува дека досега не вршеле лабораториски испитувања на храната произведена од добитокот и нивите кои гравитираат околу двете села, но вршат редовни испитувања на водата за пиење.

Сепак, при лабораториското испитување на водата од локалните водоводи и индивидуални бунари во Лојане и Табановце во 2021 и 2022 година од страна на Центарот за јавно здравје – Куманово нема резултати за тоа колкаво е количеството на арсен во водите во непосредна близина на контаминираното подрачје, бидејќи анализата не опфатила испитување на арсен.

Ова е во спротивност со Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење на Агенцијата за храна и ветеринарство, каде јасно е наведено дека испитувањата на водите треба да вклучат откривање не само на микробиолошки параметри, туку и на хемиски параметри, резидуи од пестициди, задолжителни индикаторски параметри и дополнителни индикаторски параметри. Според ваквиот правилник, максимално дозволената граница на арсен во водата за пиење е 10 микрограми на литар, а ваквото ограничување е препорачано и од Светската здравствена организација (СЗО).

За да се спречи опасноста од загадување со арсен, она што може да го направат државните власти е околината на селата Лојане и Табановце, каде што се рафрлани опасните минерални материи, да ги прогласат за контаминирано подрачје. Собранието на РСМ пролетва ги усвои измените и дополнувањата на Законот за животна средина, со кои се уредува постапувањето со контаминираните подрачја во земјава. Владата може да го преземе овој чекор за прогласување на контаминирано подрачје, земајќи го предвид фактот дека Министерството за животна средина и просторно планирање ја подготвува Методологијата за идентификување на контаминираните подрачја.

Мета.мк и Порталб.мк во декември минатата година беа во посета на Лојане и Табановце, при што можевме да забележиме дека двете опасни локации со расфрлан арсен не се оградени со жица, што овозможува слободно можат да се движат не само луѓето, туку и добитокот. Исто така, во непосредна близина на расфрланиот арсен има ниви на кои се садат различни земјоделски култури, за кои се поставува прашањето каде завршува ваквата храна. Инаку, до селото Лојане е изграден локален водовод за водоснабдување, но повеќето од куќите и понатаму користат вода од бунари, која што е енормно контаминирана со арсен, што е докажано со лабораториски испитувања правени од надлежните институции во периодот од пред 2021 година.

Мета