Прилогот „Како до интегрирано општество со етнички дезинтегрирано образование“ на новинарот од 360 степени, Зоран Јовановски ја доби наградата за најдобра новинарска сторија на овогодинешното доделување на наградите „Жан Моне“. Наградата за најдобра репортерска фотографија ја доби Наке Батев, додека наградата за најдобра аматерска фотографија ја однесе Столе Марковски.
Овогодинешниот претседател на жирито, хрватскиот новинар Саша Лековиќ, во придружба на ЕУ амбасадорот Жбогар, им ги врачија наградите на добитниците во „Europe House“.

Претседателот на жирито, Саша Лековиќ му ја врачи наградата за најдобра новинарска сторија на новинарот Зоран Јовановски
„Основно образование завршив во училиште во Тетово кое беше мултиетничко, во 90тите години ги имавме сите проблеми кои може да се помислат; меѓуетнички тензии, меѓуетнички физички пресметки, меѓутоа бевме сите на куп, бевме заедно во училиштето, не бевме поделени и јас барем од тоа очекував дека овие проблеми некогаш ќе ги решиме исто така заедно. Но, пред околу две недели работев на една слична сторија и професијата повторно ме врати во моето училиште и се разочарав кога видов дека моето мултиетничко училиште речиси е моноетничко. Родителите едноставно решиле да ги разделат децата, решиле да не ги запишуваат своите првачиња во тоа училиште, туку во училишта кои се етнички чисти; да нема мешање. И тоа беше навистина поразително затоа што не очекував таков расплет на настаните“ – им се обрати новинарот Јовановски на присутните по врачувањето на наградата.
Според него, правото на користење и на образование на мајчин јазик, кое во последните години се покажало како важен елемент за малите етничките заедници да ја почувствуваат оваа земја за своја, не смее да се претвори во фактор за дезинтеграција на општеството, посебно не на дезинтеграција во училиштата, порака која тој смета дека е разбрана од оние кои ги носат политичките одлуки. Јовановски ја поздрави иницијативата според која во Скопје во шест училишта веќе се одржуваат двојазични часови по дел од предметите во редовната настава.
„Секое дете, секој ученик ќе се претвори во толку добар човек колку што неговите родители ќе го насочат, неговото училиште ќе го научи и неговата држава ќе му овозможи“ – го затвори своето обраќање Јовановски.

Фотографот Наке Батев ја освои наградата за најдобра репортерска фотографија

ЕУ амбасадорот Жбогар му ја врачи наградата на Столе Марковски за најдобра аматерска фотографија
Ивана Смилевска