До 8 март да се расчисти случајот „Јавна соба“ – Платформата за родова еднаквост му постави рок на министерот Спасовски

Платформата за родова еднаквост му постави рок на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски до 8 март конечно да го расчисти случајот „Јавна соба“ и да ги заштити жените жртви на родово засновано насилство.

„Со жалење заклучуваме дека иако сте министер за внатрешни работи веќе втор мандат, ние во практика не гледаме никакво унапредување во однос на постапувањето на полицијата во ваквите случаи. Дури и најдобрите закони во областа нема да имаат ефект, доколку полицијата продолжи со непрофесионално постапување, засновано на лични и произволни ставови засновани на родови стереотипи и предрасуди“, рече Бојана Јовановска.

Во нивната листа на барања се споменува кривичен прогон на сторителите од случајот „Јавна соба“ и за полнолетните жртви во случајот, а не само за делото „производство и дистрибуција на детска порнографија“. Бараат и кривични пријави од МВР против сторителите од „Јавна соба“ за делата „злоупотреба на лични податоци“, „посредување во вршење проституција“, „загрозување на безбедноста“ или „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“.

Но, на листата се најдоа и барања како „прочистување на полицијата од полициски службеници сторители на насилство врз жени и нивно санкционирање“. Воедно, иницирање измени и дополнувања во Законот за полиција и Правилникот за начинот на
вршење на полициските работи со внесување на специјални одредби за постапување во случаи на родово засновано насилство и нивно усогласување со Истанбулската конвенција.

Покрај ова, бараат и да започне со работа телото Омбудсман Плус и да се креираат услови за тоа да прерасне во ефикасен, ефективен и независен механизам за граѓанска контрола над полицијата.

Од Платформата посочуваат дека жените не веруваат на полицијата и сметаат дека пријавувањето е залудно, поради практиките на непостапување, неверување и релативизирање на искуства на жртвите, но и изрекување на прекршочни санкции и опомени за насилниците, наместо документирани и аргументирани кривични пријави. Ова, пак, како што напоменуваат, резултира со континуирано, засилено насилството, често со сериозни последици по здравјето на жртвите, а во голем број случаи и смрт.

„Искуствата на жените на кои со години им обезбедуваме бесплатна правна помош и други услуги и во чие име застапуваме промени во законската рамка и навремен, професионален однос на службите кои постојат за да обезбедат нивна заштита, покажуваат дека случаите во кои полицијата соодветно постапува се исклучок, а не правило. Секторот за внатрешна контрола во своето постапување, нема волја соодветно да ги истражи случаите и бара жртвите да докажуваат несоодветно постапување, додека сите доказни средства се во рацете на полицијата“, дополнува Јовановска.

Покрај ова, здруженијата сплотени во Платформата, сметаат дека во полицијата постои непотизам, корупција и култура на прикривање на пропусти меѓу полициските службеници, поради кои насилниците поминувале несанкционирано, а жртвите губат верба во системот.