Индексот на перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернешнел покажува дека, со освоените 35 индексни поени, Република Северна Македонија стагнира во борбата против корупцијата, но едновремено бележи и пад од 5 места на ранг листата на земјите, се вели во реакцијата на Државната комисија за спречување со корупција (ДКСК), откако земјава се најде на 111 место од 180 светски држави според индексот за перцепција на корупцијата, кој секоја година го објавува Транспаренси Интернешнел.
Според методологијата, за оценката на Северна Македонија користени се 7 извори на податоци, а според моменталните расположливи информации пад е забележан во областите на владеење на правото и на човековите права и слободи.
„Она што навистина загрижува и што со години наназад се случува е недостигот на ефикасност во справувањето со корупцијата, иако декларативноста е секогаш високо изразена. Но, за ефикасна борба покрај нормираниста и декларативноста неопходни се и адекватни ресурси на надлежните институции и надзорни тела и што е уште поважно, посветеност и проследување на случаите на корупција и судир на интереси. Влијанието на политиката, злоупотребите на службената положба и овластувања, непотизмот, клиентелизмот и кронизмот се се уште широко распространети“, забележуваат од ДКСК.
Делувањето на ДКСК, велат тие, покрај другите надлежности, е особено насочено и во овие области кои се препознаени како високоризични и се дел од мерките утврдени во Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025.
„Но, за успешно завршување на детектираните случаи и надминување на воспоставените негативни состојби неопходна е и спроведливост на нејзините препораки, укажувања и иницијативи од страна на надлежните институции. Токму тоа е констатирано и препорачано и во последниот извештај на Европската комисија за напредокот од 2020 година“, стои во соопштението на ДКСК.