ДКСК ги презентира резултатите од системот на интегритет за јавниот сектор

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) го усвои и објави Извештајот за следење на системот на интегритет во 2025 година. Извештајот дава преглед на воспоставеноста и примената на системот на интегритет во институциите од јавниот сектор, со посебен осврт на централната власт и локалните самоуправи.

Системот на интегритет опфаќа внатрешни правила, процедури и механизми кои обезбедуваат одговорно, етичко и транспарентно постапување на институциите и носителите на јавни овластувања, со цел заштита на јавниот интерес и намалување на ризиците од корупција и судир на интереси.

Наодите од Извештајот укажуваат на позитивни поместувања, како зголемена вклученост на институциите, унапредување на интерните политики и поголема примена на алатки за проценка и управување со ризици од корупција. Истовремено, Извештајот посочува и потреба од понатамошно унапредување, особено во практичната примена на воспоставените механизми и јакнењето на административните капацитети.

ДКСК препорачува поголем фокус на практична примена на актите за судир на интереси, воспоставување евиденција на изземања, јасни правила за подароци и гостопримства, унапредување на контролите во јавните набавки, редовна проценка на ризиците од корупција и континуирани обуки за вработените и раководството.