ДИЖС за загадувањето на Брегалница: „Техникал Текстајл“ не испушта отпадни индустриски води и емисии

Фирмата „Техникал Текстајл“, поседува Решение за одобрен Елаборат за животна средина од општина Штип од 2015 год. во кој е утврдено дека фирмата во технолошкиот процес не испушта отпадни индустриски води, емисии во воздух и нема бучава, соопштуваат од Државниот инспекторат за животна средина.

Претходно, штипскиот градоначалник Благој Бочварски информираше дека ова е компанијата која го предизвикала загадувањето на реката Брегалница пред три дена.

Но, од ДИЖС велат дека фирмата поседува Решение за вршење на дејност промет на големо со хемикалии во магацински простор одобрено од Министерство за здравство од 16.08.2017 година. Покрај ова, од Државниот инспекторат посочуваат дека фирмата поседува безбедносен лист за хемикалијата LITEXS S 9070 од производителот СИНТОМЕР Германија и дека не е токсична.

„Од страна на крим техника СВР- Штип земени се три мостри за испитување од водата и се чекат резултатите за натамошно постапување. Согласно наодите од страна на ДИЖС е изречена соодветна санкциска мерка. За понатамошно делување и превземање на поригорозни мерки согласно Закон за животна средина треба да ги добиеме резултатите од земените мостри од крим техника при СВР- Штип“, соопштуваат од ДИЖС.

Реката Брегалница пред три дена целосно побеле и од неа се ширеше остар мирис. Од Државниот инспекторат велат дека во вечерните часови било пријавено истекување на хемикалија-ЛИТЕКС С 9070 во ТИРЗ – индустриска зона – Штип.

„Од страна на ДИЖС утврдено е дека истекувањето се случило при истовар на хемикалијата од цистерната односно при пукање на цревото при што се излива во каналот за атмосферска вода кој оди дирекно во реката“, се вели во нивното известување.