Дискусија за „EUROPA“ на Христијанскиот философски форум

Во организација на Филозофското друштво на Македонија, вечерва во 19 часот, во салата на храмот „Св. Димитриј“, ќе се одржи Седмата дискусија на Христијанскиот философски форум.

Седмата дебата ќе биде на тема „Европа“ како идеја, концепт, наследство. Организаторите посочуваат дека форумот и натаму продолжува да биде релевантна дебатна територија којашто отвора и третира важни општествени теми низ специфичен философски фокус.

„Седмиот христијански философски форум ќе се обиде да ги узнае патиштата кон актуализацијата на колективниот религиозен архетип во контекст на современата европска култура. При тоа ќе се обидеме да излеземе од тесните и стерилни рамки на концепцијата за „меѓурелигискиот дијалог“ и, нурнувајќи се во длабочините на нашето заедничко минато, ќе тргнеме во потрага по скриениот божествен ерос на преубавата EUROPA“, посочуваат од Филозофското друштво на Македонија.

Заедно со домаќините на форумот, доц. д-р отец Милан Ѓорѓевиќ и проф. д-р Ристо Солунчев, Европа ќе ја промислуваат: проф. д-р Метин Изети од Државниот универзитет во Тетово, писателката и филозоф д-р Кица Колбе, доц. д-р Свилен Тутеков од Унивезритетот „Св. Кирил и Методиј“ – Велико Трново, Бугарија и доц. д-р Трајче Стојанов од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.