„Дискретниот шарм на македонскиот филм“ – промоција на првата книга на Ана Василевска

Промоцијата на книгата „Дискретниот шарм на македонскиот филм“ од Ана Василевска, ќе се одржи денес во „Јавна соба“ со почеток од 18.30 часот. Промотори на книгата се режисерите Ана Опачиќ и Даријан Пејовски.

Книгата во издание на „Македоника“ е сублимиран приказ на состојбите во нашата кинематографија од осамостојувањето на Македонија до 2021 година, односно опфаќа три децении македонска продукција.

Ана Кубин, авторка на рецензијата на книгата вели дека нашата филмска традиција има поопсежна историја и несомнено можеме да ја сместиме во неколку епохи, но новото наше филмско творештво, до денес, повеќе од сигурно испиша нова историја, изроди ново филмско стебло, направи нов уметнички исчекор.

„Ете за тие факти зборува книгата на Ана, не заборавајќи да ја спомене и генетиката на македонскиот филмски уметник, или ако сакате повеќе, генезата на македонскиот филмаџија. Таа умешно ги проткајува споредбите на мак филмот со светските филмски уметнички дела, цитирајќи едни од најголемите светски и македонски филмски умови, паралелно прикажувајќи ја средината, состојбата и општествените прилики во кои се создавала светската наспроти македонската филмска креатива. Книгата во која на стотина страни е отсликана македонската филмска продукција во последните триесеттина години е јасна и концизна приказна за почетоците на нашето самостојно филмување, но и стручен приказ на времето во кое живееме сега во филмска смисла на зборот, до каде сме и каде сме се упатиле, имаме ли перспектива и што е она што треба да смениме за да напредуваме, оти во уметничка смисла, иако вака и вакви мали, ние имаме што да му понудиме на филмскиот свет, но и рамноправно да му парираме на светскиот филмски џет сет.“ – вели Кубин.

Промоцијата ќе биде проследена со коктел и музички настан.

Инаку, Ана Василевска која е родена во Скопје во 1975 година е новинар, филмски теоретичар и критичар. Формалното образование го стекнува на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, како дипломиран филолог по македонски јазик со општа и компаративна книжевност, а магистерските студии по филмска и телевизиска режија, на Факултетот за аудиовизуелна уметност „ЕСРА“, Скопје. Со професионално новинарство, насочено кон културата, со посебен фокус кон филмот се занимава од 1998 година. Автор е на стотици објави на рецензии, осврти, интервјуа, анализи и критики поврзани со филмот, пласирани во бројни печатени и електронски медиуми. Била уредник на ревијата за филм на првото електронско списание во Македонија, „Блесок“. Селектор и модератор на ревијалната програма „Мак поинт“ на ИФФК „Браќа Манаки“ во периодот од 2016 до 2019 година. Работела и како лице задолжено за односи со јавноста на бројни филмски проекти во македонска продукција.