По повод ден на „Светскиот ден на диско супа“ ( World Disco Soup Day ), кој се одржува во повеќе од 60 земји во светот, Слоу Фуд Млади – Македонија во соработка со #РетвитниOброк на 28 април 2018 год, сабота во 11:00h во Паркот „Жена Борец“ ќе организираат настан кој ја поврзува храната, музиката и хуманоста.
Настанот, ќе ги вклучи младите во заедничка акција за подигање на свеста против фрлањето на храна. Овој пат, младите активисти заедно со матурантите од средното угостителско училиште ќе спремаат супа од намирници кои ќе се обезбедат од донации од маркетите и пазарите, ќе ја делат на случајните минувачи како и на бездомниците. Покрај супата минувачите ќе имаат можност да се забавуваат во ритамот на музиката.
Основната цел на настанот е промовирање на начинот на заштеда на храната, претворајќи ја храната која би завршила во корпите за отпадоци, во вкусна супа. Исто така, преку делењето на храна се овозможува и топол оброк на бездомниците. Покрај тоа Слоу Фуд Млади Македонија на овој начин го потикнува младинското активирање и директно ги покренува прашањата поврзани со системот на храна.