Директорот на Националниот грчки театар е уапсен поради обвиненија за силување

Димитрис Лигнадис се брани со невиност, а обвиненијата за сексуално насилство продолжуваат да ги преплавуваат световите на уметноста, спортот и јавноста во Грција.

Поранешниот директор на Националниот грчки театар е однесен во полиција поради обвиненија за силувања, во време кога уметничкиот свет е преплавен со обвиненија за сексуално насилство.

Димитрис Лигнадис е моќна културна фигура, позната по својата глума и режија. Тој беше однесен во лисици пред јавен обвинител откако беше обвинет за напад на две малолетни машки деца. Лигнадис има 56 години и моментално е во притвор, но засега тој ги отфрла сите обвиненија.

„Тој ги отфрла сите обвиненија. Веднаш се појави во полицијата, одлучно соработува и дава придонес во легалниот процес“, изјавил неговиот адвокат, додавајќи дека директорот самостојно се предал во полицијата откако бил издаден налог за негово апсење.

Претходно месецов, Лигнадис дал оставка од директорската функција на националниот театар и ги отфрлил „отровните заговори, инуенда и протечени информации“ кои го оцрнуваат нивното име. Двете најнови обвиненија поднесени од две дваесетгодишни момчиња, го прават поранешниот директор најголемата јавна фигура која е обвинета, во време кога во Грција се разгорува темата за сексуалното насилство во уметничкиот свет.

Обвиненијата за сексуалното насилство започнаа да преовладуваат во јавноста откако олимписката шампионка Софија Бекатору ја доби поддршката од јавноста по споделување на својата приказна за сексуалниот напад кој го преживеала на 21 година, а бил од страна на влијателна фигура во грчката Федерација за едрилиштво.

Мнозинство актери, пејачи, студенти и атлети се здружија во грчка верзија на движењето #МеТоо, поттикнати од сведоштвото на Бекатору.

Денес, обвиненијата од уметничкиот свет ќе бидат презентирани пред јавен обвинител, од страна на Спирос Бибилас, кој предводи со Актерската асоцијација.

Меѓу обвиненијата за силување поднесени од млади актерки, се наоѓаат и случаи кои претходно биле покривани од медиумите.

Но, случувањата во Грција многу брзо биле и политички обоени. Министерката за култура, Лина Мендони се соочила со критики кога во 2019 година го поставила Лигнадис како директор на националниот театар, а имало и барања за нејзина оставка. Мендони, која важи за ценет археолог во културните кругови, на прес конференција истакнала дека била излажана од Лигнадис и го опишала како „опасен човек“.

„Тој со својот афирмиран актерски талент се обиде да не убеди дека е невин“, изјавила Мендони, признавајќи дека е потребна итна промена во светот на уметноста и додавајќи дека ниедно криминално дело, особено она кое вклучува малолетници, треба да помине неказнето.

Грчките медиуми пишуваат и како младите мигранти биле помеѓу лицата кои Лигнадис ги злоупотребил, во соработка со невладината организација „Солидарност, сега!“. Невладината организација остро ги отфлила обвиненијата, велејќи дека нема никаква поврзаност со театарскиот свет, ниту со Лигнадис.

Извор: Guardian