Девојки од Египет се качија на точак во кампања за еднаквост

Необично е да се забележат жени кои возат велосипед во Египет, а некои од нив се соочуваат со малтретирање од минувачите. Но пет тинејџерки од градот Порт Саид се обидуваат да го променат тоа.

Тие формирале група наречена „Нема разлика“, за промоција на велосипедот како опција за транспорт на жените, поттикнати од високите цени на превозот со такси и минибус, откако владата ги укина субвенциите за гориво.

Нивниот прв настан беше масовно возење велосипед во градот, кој привлече и мажи и жени велосипедисти.

„Сакавме да покажеме дека нема разлика помеѓу момчињата и девојчињата. Девојките можат да возат велосипед и нашата прва цел е да го навикнеме општеството на глетката на жени на точак“, рекла Искра Фајед за ТВ Ал-Канал, пренесува ББЦ.

Иницијативата привлече поддршка од групата за женски права „Кахила“. Енас ал-Масарави, една од основачите на организацијата, објаснува дека стотици млади луѓе се качиле на своите велосипеди за овој настан. „Имаше голем одзив. Мислиме дека е почеток на промена“, изјавила таа за ББЦ.

Настанот собра многу позитивни коментари на нивната Фејсбук страна. Девојка која учествувала во иницијативата напишала: „бевме обединети во една цел, да го увериме општеството дека возењето велосипед е нормално и дека нема ништо срамно во тоа“.

Последниве години постоеше широка загриженост за женските права во Египет, по порастот на сексуално малтретирање и насилство врз жените од 2011 година и револуцијата која се случи во земјата. Во 2014 година беа воведени строги санкции за таквите појави, вклучително и затворски казни до 5 години за сторителите на насилство врз жени.