Девојче со попреченост доби право да го тужи училиштето што ја спречи да користи дресирано куче

Врховниот суд во Америка вчера одлучи во корист на 13-годишно девојче во Мичиген, со церебрална парализа, кој со години се бори со претставници на училиштето за нејзиното право да користи дресирано куче за време на предавањата. Судиите едногласно пресудија дека федералните закони и дозволуваат на Елена Фрај да го тужи училиштето кое и забрани да го користи кучето како асистенција.

Решението е победа на група адвокати кои сакаат да им олеснат на учениците со попреченост во заштитата на нивните права. Од училиштето тврдат дека административниот пат е полесен и поевтин начин за решавање на образовните спорови.

Пониските судови пресудија против Фрај, велејќи дека таа прво мора да се обиде неформално да го реши спорот со училиштето.

„Ние сме пријатно изненадени што Врховниот суд ги урна неправедните бариери со кои се соочуваат учениците кои сакаат да ги одбранат своите права”, изјави Мајкл Стајнберг, директор на Американската унија за граѓански слободи во Мичиген.

Семејството на Фрај почнало да го употребува кучето Вондер кога Елена почнала да оди во градинка и страдала од сериозни проблеми со подвижноста. Вондер е специјално обучен за отворање на врати, да собира предмети и со тоа да и овозможува на Елена некаква независност.

Но, нејзиното училиште, оддалечено 120 километри југозападно од Детроит, првично одлучи дека Вондер не може да ја придружува и инсистираше возрасни помошници да и помагаат.

Подоцна, претставниците на училиштето попуштија, но поставија многу ограничувања за кучето така што родителите на Елена одлучија таа да учи од дома. Таа потоа се префрли во друго јавно училиште каде Вондер бил добредојден.

Во случајот се споменуваат два федерални закони за луѓе со попреченост. Училиштето изјави дека според одреден акт тие можат да ја забранат асистенцијата на кучето бидејќи наставникот е тој што му помага на ученикот. Но, семејството вели дека тие може да тужат според друг закон, односно актот за Американци со хендикеп, бидејќи училиштето одбило да го одобри Вондер за период од две и пол години.

Подвижноста и независноста на Фрај е подобрена и сега таа оди на училиште без Вондер.