Дел од филмовите во кои учествува македонското студио FX3X во трка за Оскар

Американската Академијата за филмски уметности и науки ја објави листата на десет филмови кои влегуваат во потесниот избор за номинација за наградата „Оскар“ за визуелни ефекти за 2014. На четири од номинираните филмови работеа артистите од македонската, а веќе и светски реномирана компанија за анимација и визулени ефекти FX3X.

Како најголеми фаворити за наградата се посочуваат филмовите „Guardians of the Galaxy“ и „Dawn of the Planet of the Apes“.

На листата се и „Captain America: The Winter Soldier“, „Godzilla“, „The Hobbit: The Battle of the Five Armies“, „Interstellar“, „Maleficent“, „Night at the Museum: Secret of the Tomb“, „Tand X-Men: Days of Future Past“.

Миливоје Ѓорѓевиќ, еден од сопствениците на ФХ3Х вели дека артистите во ФХ3Х се горди на својата работа.

„Чест ни е што ја имавме таа привилегија да работиме на четири од номинираните 10 филма кои влегуваат во потесен избор за најдобри визуелни ефекти во 2014 година, особено што тие влегоа на оваа листа во навистина голема конкуренција. Визуелните ефекти на сите 10 филма се спектакуларни. Во овој момент фаворити и не можат да се издвојат се додека не се изгласаат финалните пет филма кои ќе влезат во избор за Оскарот, но секако нашите се “Guardians of the Galaxy” на кој работевме во соработка со Method Studious, “Maleficent” на кој соработувавме со MPC Technicolor, ”Transformers: Age of Extinction,” на кој работевме во соработка со Industrial Light & Magic, и “Captain America: The Winter Soldier” кој го работевме во соработка со Scanline и на кои им стискаме палци да влезат во финалните пет“, вели Ѓорѓевиќ.

Кристијан Даниловски, вториот сопственик на ФХ3Х, вели дека конкуренцијата во оваа категорија годинава е исклучително силна, повеќе филмови кои имаа исклучителни визуелни ефекти не успеаа да влезат ниту во првиот круг од 10 филма, како на пример „Edge of Tomorrow“.

„Оваа година, за разлика од претходните години нема јасен фаворит, сите 10 кандидати се со врвни остварувања од визуелните ефекти, така што се очекува неизвесност и во изборот на петте номинирани за Оскар“, вели Даниловски.

Тој изрази задоволство и од тоа што соработувале на филмови кои се номинирани за Оскар и во други категории како што се „Into the Woods“, кој е номиниран и во категории за најдобри костими, за шминка и за продукциски дизајн и The Giver за најдобар звук, вели Даниловски.

Вкупната листа на филмови на кои ФХ3Х беше соработник во 2014 година, освен номинираните и споменатиот Edge of tommorrow, ги содржи и филмовите: „RoboCap“, „Jersey Boys“, „Hercules“, „Lucy“, „The Giver“ и годината ја завршуваме со уште еден наслов кој ќе има премиера вечерва – „Exodus“, кој ќе биде прикажан во Cineplexx.

Пошироката листа на номинирани за Оскар е подготвена од претставници на Комитетот за визуелни ефекти при Академијата. Наредната селекција од 10 на пет филма од кои всушност ќе се избере победникот ќе биде извршена на 10 јануари 2015 година, а избраните ќе бидат објавени на 15 јануари како официјални номинации за 87-мата церемонија на доделување на Оскарот.

Извор: А1ОН