Дедо Мразовска акција за донирање новогодишен подарок

Иницијативите „Ways2Help“, „Вистински дела на Љубезност” и „Среќа.мк” организираат заедничка акција со цел над 350 деца, на возраст до 15 години, да добијат новогодишен подарок.

Идејата е преку акцијата да се собираат играчки, книги, енциклопедии, сложувалки, друштвени игри за поголемите, новогодишно пакетче со храна и се останато што е чисто, употребливо и што ќе им се најде.

„Препорачуваме секој подарок да биде спакуван во украсна ќеса или завиткано во новогодишна хартија со ваша порака – може да пишува и за која возраст е вашето пакетче. Доколку не сте во можност да го завиткате – само пишете ни ливче да знаеме за која возраст е и ќе го спакуваме ние“, стои во описот на иницијативата.

Донираните работи ќе се собираат од денес, па до 14 декември во „Среќа Бар“ (кај Американ Колеџ и МИТ), во работно време на кафулето.