Група од 12 тинејџери иселени од кампот во Кале, Франција, почнаа штрајк со глад за да спречат да бидат однесени во Велика Британија.
Малолетниците без придружба од Сирија, Еритреја и Судан биле интервјуирани од британскиот Хоум офис пред четири седмици и решиле да протестираат откако прочитале во британските и француските весници дека процесот на соединување на бегалски деца со членови на нивните семејства во Велика Британија завршил.
Одбиваат да јадат појадок, ручек или вечера, одбиваат медицинска нега и не сакаат да одат на часови по англиски и француски, кои мора да ги посетуваат во привремените приемни центри каде престојуваат.
„Немаат слушнато ништо ново, оставени се сами во темнина. Завчера ни рекоа дека нема да јадат повеќе. Беа многу јасни дека ќе штрајкуваат со глад додека од Хоум офисот не им кажат каква е нивната состојба“, вели Орси Харди, волонтер во приемен центар.
Момчињата на возраст меѓу 14 и 17 години беа однесени од Кале во христијанска религиозна заедница близу швајцарската граница на крајот од октомври, и беа наведени да веруваат дека ќе бидат земени предвид за азиланти во Велика Британија.
„Кога пристигнаа беа позитивни и надежни. Британските власти им кажаа дека треба да бидат трпеливи и дека тие ќе се справат со нивните барања. Потоа и ние им го кажавме истото, да бидат трпеливи, дека завршил нивниот живот во шаторите и дека Британците ќе се јават“, вели Харди.
Хуманитарните организации изразија грижа дека недостатокот од информации предизвикува поголема нервоза и психолошки немир кај децата кои веќе се истрауматизирани од нивното патување до Франција, често и преку криумчари.
Социјални работници без граници, кои надгледуваа 40 деца иселени од кампот Кале, велат дека само тројца од нив биле однесени во Велика Британија.
Од организацијата се плашат дека тинејџерите може да исчезнат и да постават нов камп на францускиот брег, во обид да го преминат Ла Манш илегално. Во ноември, 44 малолетнии побегнаа од приемен центар во Ле Хавре.