Дебата за средношколско организирање и учество

Средношколска дебата на тема „Овој дом верува дека средношколското организирање (не)гарантира унапредување на образовниот процес“ ќе се одржи во вторник (26 декември) во Јавна соба, со почеток од 19:00 часот.

Целта на настанот е средношколците да се информираат за средношколското организирање и за тоа како организираното средношколско учество ќе влијае на образовниот процес во целина. Истовремено, на средношколците ќе им се даде можност директно да учествуваат во решавање на ова прашање кое најмногу ги засега нив.

Дебатираат: Тамара Илиоска, Михаил Насковски, Ана Угрова и Јаков Шаревски. По дебатата ќе следнува дискусија.

На овој настан ќе бидат доделени наградите од конкурсот за текстови, слики и видеа на тема средношколско организирање.

Младински образовен форум (МОФ), Коалицијата СЕГА и Првата детска амбасада во светот Меѓаши во соработка со Министерството за образование и наука и поддршка од Фондацијата Песталоци ја започнаа оваа иницијатива која произлегува од утврдената потреба за законско регулирање на ученичкото учество во образовниот систем за да се придонесе кон подобрен квалитет на живот на средношколците и развивање на нивните демократски капацитети и активно граѓанство. Тие отворија процес на консултации со сите засегнати страни преку локални дискусии во 14 градови во Република Македонија со вклученост на 520 луѓе од кои 320 ученици во средните училишта и 200 претставници на менаџмент на средни училишта, подрачни единици на Бирото за развој на образованието, единици на локалната самоуправа и родители.

Повеќегодишното искуство со работа и поддршка на средношколското организирање, како и последните 2 години посветени на директни консултации и дискусии за креирање на законските измени кои ќе го гарантираат учеството на средношколците, резултираа со предлог измени на Законот за средно образование.