Конкурс#Средношколско

Младински образовен форум, Коалиција на младински организации СЕГА и Првата детска амбасада во светот „МЕЃАШИ“ објавуваат повик за текстови, фотографии и илустрации на теми поврзани со средношколско учество и средношколско организирање.

Право на учество имаат средношколците кои своите идеи на оваа тема можат да ги преточат во авторски текст (не подолг од 300 збора), фотографија, илустрација или видео. Краен рок за испраќање е 20 декември, а како ќе ни стигнуваат вашите дела, така ќе ги објавуваме на Радио МОФ, со реден број кој подоцна ќе служи за гласање, а во рубриката Конкурс#Средношколско.

За најдобрите три следуваат награди, односно, за прво место таблет [Tablet PC Lenovo Tab2 A10-30L 4G] , за второ smart watch [Smart watch phone 1.54″ LDK V10 Gold] и за трето место Bluetooth звучник [Speaker 1.0 Bluetooth Philips BT25G Black/Red] . За најдобрите ќе одлучат вашите гласовите и жири комисијата составена од по еден претставник на организациите што стојат зад конкурсот.

*Гласањето е завршено и траеше  од 21 до 24 декември. Победници на овој конкурс се: Андријана Пејчиновска, Ирена Пирковска и Божидар Николовски.

 

Пристигнатите дела од средношколците на конкурсот ги објавуваме во продолжение: 

#25 Чекор кон промена

Промените се оние кои што го водат светот. Менувајќи се себе си ја менуваме и околината. Не залудно рекле оти на младите останува иднината. Иднината е во нашите раце. Ние како средношколци треба да го искажеме нашето незадоволство и се она што не попречува во остварувањето на нашите цели. Кревајќи го нашиот глас многу надредени ќе кренеме на нозе за да ни овозможат подобри услови.Како еден млад човек и како дел од средношколското образование сметам дека ние ,учениците, треба да формираме уличишни заедници како и да станеме дел од нив.

Јас сум претседател на  улилишната заедница на СОУ ,,Перо Наков”. Во нејзиниот состав сме ние претседателите на класовите.Честопати одржуваме состаноци на кои што дискутираме, изнаоѓаме решенија кои би ни го подобриле квалитетот на  образованието, како и на самото училиште, бидејќи реално ние половина од нашиот ден го минуваме на училиште. Таму сме сите со различни идеи, но со една цел: Да стекнеме знаења! Дискутираните идеи подоцна им ги пренесуваме на нашите соученици, за да на наредните состаноци ги кажеме и нивните мислења.

Но прашањето е колку од тие мислења ќе бидат чуени или пак ќе биде преземено нешто? Тргнувајќи од таквиот проблем со кој се соочувавме во училиштто се формираше  -„Средношколско – Ученичка Асоцијација за Реформи во Образованието“ . Основна цел ни е зајакнување на неформалното образование како и поттикнувањето на младинскиот активизам. Преку неа ќе се изведуваат низа активности кои ќе ја зголемат продуктивноста на нас учениците.Се надеваме на вклученост и од останатите улилишта од Македонија.

Единствено преку иновативни идеи, меѓусебни соработки, дебати и други интересни активности ќе се запознаеме себе си и другите. Нашата иднина ќе биде светла благодарение на патот кој самите ќе го изградиме и еден мост кој ќе не соедини сите.

#24 Избори се за да преживееш

Опстојуваме во едно општество каде треба да се избориш за да преживееш. Тоа е општоприфатено во повеќе сфери од дејствувањето, а како најважна за мене е сепак образованието. Иако до некаде се вреднува мислењето на учениците, сепак тоа не е со онаа тежина како во другите европски држави.

На училиштето не треба да се гледа како еден вид затвор, тоа треба да претставува средина каде секој ќе може да се пронајде себеси, да се индивидуализира и да се чувствува самоуверен. Во најголем број од искуствата, тоа не се случува. Затоа е потребна итна промена.

Во моето училиште постои ученичко организирање, претставено преку Училишната Заедница на Орце Николов, Нивната задачата е да ги пренесат ставовите на учениците, заеднички да се разгледаат проблемите со кои се соочуваме во образованието и истите конструктивно да се решат. Заедницата треба да претставува потпора на кој учениците можат да се наслонат, преку кои ќе бидат сигурни дека ќе се случи промена. Но, тоа воопшто не е така. Преку заедницата се организираат свирки и забави. Благодарение на неколку ученици со свои иницијативи денеска имаме клубови преку кои можеме да ја изразиме нашата креативност, а се одржуваат и едукативни дебати.

Како ученик во втора година во Орце, со сигурност можам да кажам дека најголемиот проблем во образовниот систем е фондот на часови. Бројот на часови неделно заедно со обемниот материјал кој секојдневно се предава, е клуч за неуспех. Ние воопшто немаме можност да направиме баланс, затоа што секогаш училишните обврски ќе преовладуваат. Затоа најефикасно решение е реорганизација на часовите.

Најчестата пречка си ја создаваат самите ученици, кои веднаш по искажувањето на став се прашуваат „А можам ли јас тоа воопшто да го направам?“ и на крај се откажуваат, свесни за системот во кој нивните барања веднаш ќе се отфрлат. Тоа што недостасува е и ценењето на сечие мислење.

Стефан Митиќ, ученик во СУГСГ „Орце Николов“ – Скопје

 

#23 Мојата идеја за современо училиште

Учиме за да го работиме тоа што го сакаме. Уште од мали нозе детето своето знаење го стекнува од училиштето. Училиштето е втор дом за учениците, додека професорите се нивни втори родители.

Живеам во град Неготино којшто се наоѓа во централниот дел на Република Македонија. Во градот постојат две основни училишта и една гимназија, која се наоѓа близу до автопатот. Бидејќи тука минуваат безброј луѓе, во гимназијата има средношколци од повеќе градови. Во нашата гимназија СОУ,,Св Кирил и Методиј“ има професори со големи знаења и искуства кои им даваат голема мотивација на учениците. Секој којшто се наоѓа во гимназиско образование, електротехничар и електроинформатичар, нутриционист, прехранбен техничар, па и во билингвалната паралелка може да го стекне своето знаење.

Бидејќи живееме во современо општество со голем развој на современата технологија, мојата идеја за современо училиште би била следнава: како за пример оние средношколци кои ја изучуваат прехранбената струка да имаат можност да посетуваат разни фабрики што произведуваат овошје и зеленчук и фабрики коишто произведуваат секаков вид на храна и кондиторски производи. Додека оние коишто изучуваат за идни нутриционисти да посетуваат стручни лица кои имаат долго искуство во областа на здравата храна и здравиот начин на живеење.

Со тоа средношколците ќе го почувствуваат трудот и разбирањето во таа област. Учениците коишто се дел од билингвалната или француска паралелка да имаат повеќе комуникација со средношколци од другите држави. Идните електротехничари и електроинформатичари веќе го стекнуваат своето знаење и искуство коешто ќе му биде потребно за завршени студии на некои од факултетите. Гимназиското образование се смета за едно од потешките струки. Се изучува во четири години. Во тој период се изучуваат општи предмети. Ние средношколците коишто го изучуваме гимназиското образование треба да имаме контакти со доктори, хемичари, економисти, правници… Со нивна комуникација за нас учениците ќе биде полесно да се одлучиме во која област припаѓаме.

За да ја постигнеме нашата цел треба да имаме соработка и размена на знаења. Голема привилегија, чест и задоволство е да се учи во СОУ ,,Св Кирил и Методиј“ – Неготино.

Кристина Ѓорѓиева,  Клас: III1 гимназиско образование, СОУ „Св Кирил и Методиј“ – Неготино

#22 Од нас зависи – сите заедно кон подобро

Образованието, едукацијата, воспитната дејност, и многу други работи се примарната цел на училиштата и на секој ученик. Но со текот на времето овие работи полека но сигурно паѓаат се подолу и подолу на листата на важни работи.

Учениците не се натпреваруваат меѓусебно кој ќе знае повеќе, кој ќе оди на повеќе натпревари или други настани од едукативен карактер. Жално е што доаѓаат во училиште само за да се видат со своите другари, за да го прошетаат новото парче облека и да навредат и понижат некој кого не го сакаат. А професорите? Тие се приказна за себе. Некои од нив се многу добри па им попуштаат на учениците, некои толку многу се преценуваат што се што ученикот ќе направи не им се допаѓа, трети се оние кои воопшто не ги интересира ништо, а постојат и такви кои цело време се нервозни и под стрес па учениците им се виновни за се.

Многу од државните средни училишта во Република Македонија се соочуваат и со други проблеми. Стари клупи, столчиња, врати и прозорци, недоволно греење, најмал степен на хигиена како во училниците така и по тоалетите и ходниците. Да набројувам уште или само ова е доволно за да ја видите реалната слика на мизеријата со која средношколците секојдневно доаѓаат во контакт? Постојат и многу други причини за неефикасноста на македонскиот образовен систем, но едно е сигурно, без разлика какви мерки ќе превземат Владата, Министерството и училиштата за подобрување на оваа ситуацијата пред се е потребно да го промениме нашиот менталитет, да ја промениме нашата свест. Виновници не се само учениците, исто така не можеме да ја гледаме власта и училиштата како единствени виновни. ВИНОВНИ СМЕ СИТЕ!

Власта треба да спроведе мерки за подобрување  на училиштата, учениците треба да водат повеќе грижа за тоа што им е понудено а не да го уништуваат и кршат, а професорите треба да бидат позаинтересирани за нивната основна работа – едукацијата на младите. Кога секој ќе си ја знае својата основна задача, и кога сите ние ќе ги почитуваме правата на другите и ќе ги извршуваме нашите обврски, дури тогаш ќе можеме да искачиме скалило погоре во нашиот живот, затоа што во моменталната состојба постои многу незаинтересираност од сите и сите гледаат да им бидат почитувани нивните права, ама по некоја случајност забораваат да ги почитуваат правата на другите. Да престанеме да мислиме дека само ние сме во право, а останатите се секогаш виновни. Кога сите ќе ги согледаме нашите грешки, дури тогаш ќе можеме да го промениме нашето општество кон подобро.

Бисера Шегмановиќ, II-13, СЕПУГС Васил Антевски – Дрен“ – Скопје

#21 Училиштето е една од најважните институции

Училиштето е една од најважните институции во која секојдневно се упатуваме. Но, секако дека секој има свое мислење, и секој сака промени во образованието.

Училиштето треба да биде организација која би требало да биде организирана, а под тоа се подразбира дека секој ученик би требало да биде известен за секоја активност, како и за секое право кое го поседува.Секоја парарелка во секое училиште  има претставник-преседател кој се грижи и се бори за своите права и правата на соучениците. Претседателското место во училишните класови треба да се дава само на одличните ученици, да се обврне внимание и на учениците кој што имаат интелигенција , но не  ја користат во одредени предмети.Правото на глас понекогаш е задоволено, но, во повеќето случаи нашите желби не се исполнети.Средношколците се соучуваат со многу проблеми. Правото на глас  на учениците во училиштата треба да биде слушнато, бидејќи на секој од нас, училиштето ни претставува втор  дом, бидејќи поголемиот дел од  животот го поминуваме во училишните дворови и училни. Поради  тоа треба да се стремиме кон  тоа  да се почитуваат правата на учениците.

Средношколското образование не е  во најдобра организација, бидејќи  јас мислам дека ние требаме да бидеме сметани како деца, а не како возрасни. Да ни овозможат подолго, помирно, и поубаво детство без грижа со куп  тестови.

Селима Бабачиќ – СУГС Гимназија ,,Никола Карев’’-Скопје

#20 Последни ги добиваме битните информации

Средношколски двор, место, каде започнува новиот период на нашето посериозно созревање. Време во кое царува бунтовноста, самоувереноста, но можеби и време на повлекување во тишината. Сѐ ова во зависност од нашиот карактер, од нашето воспитување, од опкружувањето, од општеството. Предизвикот е почнат, битно е само како ние ќе му погледнеме во очи.

Лектири или дропки, равенки или закони, часови или дружба, учење или кафе? Дилема, за која се самоорганизираме, но доаѓа на ред вистинската средношколска организација. Ова е пречката на која сами се сопнуваме, или сме сопнати од некој друг. На прашњето: Што би сакала да се смени во моето училиште, си постанувам контра прашање: А можам ли? Некако имам чувство дека последни ги добиваме битните информации. Период кога во тек се тестирања за стипендии, а ние не знаеме.

Натпревари на кои се пријавуваме за учество, а точен термин немаме навреме. Сега е правиот момент кога мислам дека можам да го кренам гласот и нормално, го правам тоа. Мојата малку побурна вербална комуникација со една од моите професорки, се запира со зборовите: ,, ученичка, смири си ги емоциите!” Јас, од респект, го правам тоа, за нешто што многу ми значи. Е ова е тоа што сакам да го променам во моето училиште.

Сакам ние средношколците малку посериозно да се организираме и да реагираме, да бидеме сфатени, дека во делот на информирање, комуницирање, право на одлучување за прашања кои не засегаат да земеме активно учество. Нашето училиште, е нашиот втор дом. Ова е само еден од многуте проблеми, на кои треба да се посветиме.

Токму сега се соочувaме со суровата реалност, каде што нашата борбеност, опкружувањето и општеството ќе направат синергија или ќе се противстават и ќе потонат во тишината.

Вероника Пауновска II-5, СУГС „Никола Карев”

#19 Образовниот ланец

 Како ученик во втора година средно образовани сфаќам дека веќе сум алка од еден образовен ланец кој треба да се негува, но и да претрпи помени. Промени кои ќе го подобрат нашето образование се со цел да се создаде поквалитетен и постручен кадар.

Ученици во првите две години на нашето четиригодишно образование сметам дека не се доволно застапени во средношколската организација. Нашето поголемо учество во тековните средношколски активности ќе придонесе за нашето побрзо прилагодување и со самото тоа ќе се намали притисокот од новата средина која сметам дека придонесува за намалување и на успехот и поведението.

Средношколците треба да бидат иницијатори на почести состаноци со професорите каде ќе се изнесат проблемите со кои се среќаваата  учениците. Проблемите треба да се изнесат на  отворени дискусии  кои редовно ќе се одржуваат во рамките на училиштето. Со завршувањето на школската година во сите средни училишта треба да се направи мало резиме на наставните предмети изучени во текот на школската година и да се спроведат анкети кои ќе резултираат  со предлози за намалување на преобемниот материјал.

Со самото намалување на материјалот би се овозможиле часовите да бидат по креативни и нашето знаење да биде зацврстено со  употреба на  конкретни примери, видео презентации и дискусии на учените теми. Во текот на школската година средношколците во соработка со професорите треба да организираат воншколски активности кои ќе придонесат за подобрување на  комуникацијата на  ученик со ученик и комуникацијата на професор со ученик.

Со подобрување на нашата меѓусебна комуникација ќе се зголеми и нашата слобода за барање помош кога ни е потребна а со тоа ќе се подоби и нашиот и целокупниот  успех .Сметам дека како средношколци треба да ја продлабочиме соработката и со невладините организации. Со транспарентна соработка треба  да учествуваме поактивно во низа хуманитарни, здраствени и културни акции, манифестации и проекти. Токму проектите на  тема на сексуалното  образование,наркоманијата ,проституцијата и алкохолизмот треба да бидат помасовни и потрансарентни со учество на средношколци од сите учебни години.

Овие проекти треба да бидат проследени со јавни дискусии и гости кои ќе го  разменат своето искуство со нас учениците.

Сметам дека со мали промени во средношколското организирање ќе обезбедиме европско и модерно образование кое е цел на сите нас. Квалитетно образование кое ќе биде стабилен темел на високите стандарди кон кои цели нашата земја. 

Ивона Богатинова II5, СУГС Гимназија ,,Никола Карев

#18 Современо училиште

Сите различно размислуваме и си замислуваме како би изгледало едно наше современо училиште во кое ни поминува поголемиот дел од денот, кои се предностите а кои недостатоци во нашето училиште, и што би можело да се смени и подобри.

За нас учениците е важна атмосферата ,хигиената, инвентарот дури и професорите.

Сега, кога сум на средина од средното образование можам да си дозволам да го искажам моето мислење на глас . Не им е лесно ниту на професорите, а ниту пак на учениците.

И тие како и нас дел од денот го поминуваат во училиштето. Сите заедно сме во старите училници полни со влага, во зимските денови некогаш и без греење. На старите клупи и столчиња кои испратиле многу генерации и одвај уште се држат на своите ногарки. Уште се исти зелените табли и белите креди кои некогаш зачкрипуваат. А професорите?

Па луѓе се и тие. Но зошто пред некои се чувствуваме како пред судија, дали ни судат за нашето знаење или не знаење.

Во едно современо училиште во кое одам јас потребна е мотивација за подобрување на успехот на учениците и нивното однесување. А тоа да се одвива преку презентации, комуникција, натпревари меѓу учениците, повеќе дружење и организирање на средношколски забави. Секој ученик да се насочи кон учење на тоа што го интересира и го сака.  Правење анкети и наградување на најдобрите во својата струка. Повеќе соработка и состаноци за подобрување на хигиената во училиштето и чување на школскиот инвентар. Повеќе пракса, а не толку собирање на полугодишен материјал за испрашување, наученото да знаеме да го примениме. Не секој може се да научи, а и нема училиште барем во нашата земја во кое не постои некаков проблем.

Училиштето е наш втор дом, ние сме дел од тоа училиште, нашето мислење треба да се почитува, треба и ние да бидеме прашани што сакаме за подобро училиште, што е тоа што не ни се допаѓа, а не пред секој проблем да зажмуриме и да климнеме со глава дека е добро, а не е. Се е во наши раце, зависи од нашата волја и интереси да се насочиме кон решавањето на проблемите и поголема соработка. И ние имаме права и одговорности, но понекогаш и забораваме.

Ана Љубиќ  III8, ОСТУ „Наце Буѓони“ Куманово

#17 Посветеноста е она што ни недостасува

Реално, во средните училишта ретко каде се поседува убав, независен и организиран систем на средношколска организација. Во некои училишта дури и не е формирана никаква средношколска организација. Мојот поглед низ очите на еден средношколец е дека средношколската организација е од огромно значење. Како за самите ученици така и за професорите и управата.

Конкретно во нашето училиште имаме некаков вид на средношколска организација. Но во неа не се застепени сите наши ставови, мислења и можни решенија за клучни проблеми кои не засегаат. Најдобар вид на средношколска организација, кој би требало да се споредува и би бил транспарентен, е изборот на одборот преку гласање. Со тоа ние би можеле да се запознаеме со тоа што претседателот а и сите членови би ни нуделе, како решенија на нашите проблеми кои ги имаме прилично многу, како и новитети за дружење, забава, активности (наставни и вон наставни).Излагањето на нашите проблеми би било далеку полесно доколку имаме пред се состанок на клас со што би одлучиле најпрво што не засега нас како клас и што сметаме дека е најважно да се реши. Па потоа тоа би се изложило на состанок на средношколска организација.

Но она што е проблемот помеѓу нас средношколците, па и професорите е што  поголемиот дел не се заинтересирани. Многу е мал бројот на ученици кои навистина сакаат она што ни недостасува да се санкционира и реши, па и да се воведат нови и интересни проекти. Доколку заинтересираноста би била поголема реализацијата би била далеку поголема и побрза.

Постојат толку интересни работи кои можат да се реализираат. Како што се практични активности во сферата на стручните предмети. Запознавање со различните култури кои што ги имаме во училиштето. Организирање на дружења надвор од училиште. Организирање на хуманитарни настани и слично. Но може да се решат и различни проблеми во учолиштето,како проблеми со професори или пак програмата која ја изучуваме.

На крајот од денот кога би ги сумирале сите овие работи, се што ни недостасува е наша иницијатива и прифатеност од страна на останатите средношколци.

Марти Петреска

#16 Претседателот на паралелка и училишната заедница имаат најголем придонес во организирањето

Сите ние кои сме дел од образованието, дел од една установа наречена училиште, имаме различни  функциии во неа. Некој улога на ученик, професор некој пак и повеќе од  тоа. Ние средношколците имаме безброј проблеми. Тоа се подразбира во однос на оценување, меѓуетнички расправии или пак однос  ученик-професор.

Сето ова се јавува како последица на неинформираноста на средношколците за правата кои ги поседуваат или пак поради тоа што не постои некакво средношколско организирање.

Дел од средношколците се обвинуваат, мислејќи дека самите не се заинтересирале за тоа. Моето мислење е дека целиот проблем е во изборот на претседател на паралелка, а воедно и во целата училишна заедница, бидејќи самиот претседател и заедницата го имаат најголемиот придонес во организирањето. Во некои училишта има унифицирани критериуми со кои се избира еден претседател на класот. Најчесто тоа подразбира  ученикот да биде примерен, со солиден успех, да е редовен и да има дисциплина.

Лично, јас не се согласувам со тоа и сакам ова да се смени затоа што од самата училишна заедница започнуваат сите организации. И еден обичен ученик, кој се образува а не е во центарот на вниманието во самата паралелка,или пак не е еден од оние „омилените“ може да успее и да стане претседател, да се бори за своите и за правата на соучениците. Не мора да значи дека одличен ученик по успех може да биде и добар претседател. Моето мислење  за ова е дека воопшто не е ефикасен овој начин на избор.

Јас мислам дека свеста треба да се разбуди, односно сите информации да стигнуваат навреме до претставниците на класовите или пак до одговорните и тоа да им се пренесува на учениците. Со тоа можеби ова организирање ќе доведе до една подобра соработка меѓу соучениците а воедно и со професорите, па со тоа ќе порасне и рејтингот на самото училиште.

Пирковска Ирена II5, СУГС Гимназија „Никола Карев“ – Скопје

#15 Нашето мислење е повеќе од важно

Многу ученици од моето училиште сметаат дека постојат пропусти во наставата ,а некои пак го имаат спротивното мислење.

Моето мислење е дека во моето училиште,во наставата постои еден пропуст.Долго време ме измачува едно прашање:Зошто некои од професорите бараат од нас знаење научено од збор до збор како што е во книгата и сметаат дека на тој начин се учи со разбирање? -Напротив,на тој начин ние учиме на памет.Секоја им чест на некои професори што дозволуваат слобода во нашето изразување и не поттикнуваат да размислуваме на логичен начин.

Но, постојат и такви кои не дозволуваат да ги прашаме нешто што не сме го разбрале ,односно тие се строги спрема нас до таа мера што ни влеваат страв во нас,па не се ни осмелуваме да ги прашаме.Од ова ние наоѓаме излез во плаќање на приватни часови,односно дополнителни трошоци за нашите родители.Ние одиме во установа каде што стекнуваме знаење,а не страв и трепет и затоа ова е многу важно прашање кое треба да се реши во најбрз можен рок.

Ние имаме многу работи за дискусија,но сме само како една мала точка која никој не ја забележува.Ама секоја точка во реченицата има важна улога,па така и нашето мислење е повеќе од важно.

Анастасија Пешевска, I година, СОУ Гимназија ,,Гоце Делчев”- Куманово

#14 Коренот на Сите Проблеми

„Не зборувајте за политика!“, 

„Облечете ги униформите!“ 

„Вака едноставно е, демек ќе смените нешто.“

Ова се само дел од изразите кои биле користени во Хитлерова Германија и се разбира, во средните училишта во Македонија. Интересна е поврзаноста помеѓу овие две форми на структура, но поинтересно е тоа што последната фраза не е користена толку често од страна на професорите или директорите, туку повеќе пати од страна на учениците.

Кога се собираме на состанок на Училишната Заедница на Орце Николов (нагалено наречена „УЗО“), најважната точка на дневниот ред е дали да имаме два бенда или два DJ-ја на предновогодишната журка што е важна работа во социјалниот живот на еден средношколец, но тоа не е целта на УЗО, или пак на образовнието. Затоа кога ги разгледуваме барањата на 21виот век во поглед на нашата кариера и професионална личност, не гледаме како образованието го поддржува овој тренд.

Во сржта на образованието се наоѓа токму – образованието. Не се наоѓаат фудбалски натпревари, нит талент шоу, нит неформални дискусии. Се наоѓа образовен систем кој го исполнува основното човеково право, образовен систем кој ги интегрира овие работи во своето работење. Депресивно е тоа што мораат да се одржуваат посебни настани за дискусија и дебата, бидејќи истите не се вклучени во годишната програма на работење на училиштето. Депресивно е тоа што нашата замисла за училиште е затвор, или Хитлерова Германија.

Но, се разбира, учениците ништо неможат да сменат. Моментално, единствениот начин да допреме до надлежните и до целиот систем е преку конкурсни есеи и жалење на социјалните медиуми. Единственото нешто за кое се собираме како ученици е тоа кој датум ќе биде некоја журка или активност, а кога ќе се спомне за нешто поголемо, голем дел од учениците се плашат да прозборат, да се вклучат, бидејќи се научени така од системот во кој се наоѓаат.

Андријана Пејчиновска, IV година во СУГСГ „Орце Николов“

#13 Иднината е во младината

Јас сум ученичка во гимназија. Верувам  во себе , се надевам дека искрата на моето знаење ќе ми помогне да го изберам вистинскиот пат. Еден од најголемите генијалци во светот Алберт Ајншатјн  рекол ,,Образованието е она што ќе остане кога ќе заборавиме се што сме научиле во училиште,, и можеби има право .

Тој училишен живот е нашата светла иднина која одиме низ животот , а факелот со кој ја осветлуваме е во нас , во нашето знаење , образование. За да може секое дете да се изгради во успешен човек   потребно му е учењето од  родителите , но пред се од професорите во училиштето. Знаењето ја пали искрата на образованието , а таа искра треба да ни служи цел живот.

Кога тргнав на училиште секогаш сакав да оставам добра слика на моите професори, но со текот на времето. Јас како средношколка , бидејки сум вклучена дирекно во образовниот процес , почнав да размислувам за малдиот човек , за учењето , за дружбата со моите другари/ки , за активностите кои учиниците ги имаат или ги немаат во училиштето…

Мислам дека треба во моето училиште да се сменат некои работи , дека треба да има поголем број на активности , да се воведат дополнителни интересни часови   по предмети кои ги сакаме. Односно да се воведат активности кои ќе ни го свртат вниманието кон учењето и училиштето , а ќе не одалечат од   телефоните и современата технологија.

Со еден збор би сакала во училиштето да имаме младинска организација во која ќе членуваат ученици кои доброволно ќе доагаат , а на состаноците најмалку два пати во неделата  ,  ќе ги кажуваме  нашите проблеми , идеи и предлози , кои би било пожелно да бидат разгледувани и на ниво на локалната власт , бидеќи сметам дека иднината е во младината…

Ангеловска Стефанија, СОУ Наум Наумовски Борче – Пробиштип

#12 Моите желби за промена во образованието

Во текот на целиот наш живот учиме многу, секојдневно се до нашиот последен здив, се до нашата последна воздишка, училиштето како институција во која секојдневно се упатуваме е нашиот втор дом. Во него освен што го надополнуваме своето знаење, стекнуваме пријателства и учиме што е тоа пријателство, градиме вистински личности од нас, но што ако сево ова се случува кога секое утре кога ќе помислиме на училиштето се потсетуваме на сите тестови и испрашувања во текот на денот, и од сето убаво до сега кажано останува само една обична институција во која присилно се упатуваме.

Покрај големиот дел тестови кои ни се приложени, во училиштето секој треба да има еднакво право, во текот на училишните денови сите ученици треба да се упатуваме во училиштето од задниот влез, бидејќи главниот е само за професорите. Зошто, зарем сите не сме еднакви? Сакаме повторно да се отвори бифето, бидејќи тоа е нашето омилено место, во кое се кријат најмногу спомени. Место каде што повеќето од нас учениците го поминуваме големиот одмор. Сакаме вистински работилници во кои ќе го надоградуваме знаењето за оние предмети кои ги сакаме.

Сакаме вистинско образование кое ќе ни причинува задоволство да се упатиме кон училиштето, образование кое ќе ги поттикнува учениците за учење на нешто ново и наш дом во кој што ќе нема дискриминација. За да се исполнат нашите барања се потребни многу труд и вистинска желба. Да го убедиме училишниот персонал дека сите нешта кои ги сакаме, не се детски глупости туку вистински работи кои треба да се променат.

Мила Тодоровска II-4, СУГС Никола Карев

#11 Средношколското организирање зависи и од професорите и персоналот

,, Многу луѓе не успеале во животот… Но, не поради тоа што не се способни, заради тоа што немаат знаење или заради тоа што не се храбри… Туку едноставно заради тоа што недоволно се организирале да ја постигнат целта””. Вака гласи еден од цитатите на познатиот американски писател, уметник и филозоф Елберт Хабард.

Јас потполно се согласувам со ова. Иако ова може да се однесува како посебен инспиративен цитат за индивидуалниот живот на човекот, јас сепак сметам дека ова може да биде многу важно и за заедница како што е училиштето, било да се однесува за средно или основно. Не мислам дека моето училиште е неорганизирано, но сепак можат да се направат некои промени со кои би се подобрила организацијата во самото училиште.

Но, за жал  ние учениците тука сме немоќни. Можеби многумина нема да се согласат со моето мислење… Немоќни сме затоа што некогаш самата организација зависи од самите професори и персоналот. Да, сега многумина би кажале дека сепак зависи од воспитанието на учениците. Зар училиштето не е воспитна и образовна установа? Ние одиме во училиште за утре да станеме некој и нешто.

За нашето однесување како ученици можат и тоа многу да влијаат самите професори. Дури и ние самите ученици го имаме приметено тоа. Кај различен професор, однесувањето на самиот клас е поразличен. Кај построгите професори сме многу попримерни. Иако понекогаш строгоста може да внесе некој страв,  но тоа е моментална состојба, затоа што таквите професори тоа го прават за наше добро, за ние да знаеме дека треба примерно и организирано да се однесуваме, а и со самото тоа ќе научиме повеќе.

Секако постојат професори кои не се толку строги, а однесувањето на нас учениците на нивниот час е сосема дисциплинирано. Тие професори имаат некаква посебна метода на одржување на часот, со која ние учениците сме навистина задоволни иако не знаеме каква е поточно таа метода.
Камо сите професори да беа такви.

По завршување на училиштето ќе бидеме благодарни на таквите професори, што не научиле на нешто и од училиштето ќе излеземе со знење и воспитание.

Ирма Аломеровиќ,  II 7, СУГС гимназија Никола Карев – Скопје

 #10 За школцките работи

Што имаат заедничко училиштето и затворот? Авторитарни структури, носење униформи, губење на индивидуална автономија, одредено време за јадење, наредби за тишина и послушност и без никаква улога во донесувањето на одлуки. Не ми е поентата да укажувам на уредувањето и функционирањето во затворите туку на тоа дека училиштето е софистициран затвор.

Вклученоста на средношколците во донесувањето на одлуки е сведена на минимум, од начинот на предавање на часовите до одлучување на локација за екскурзијата. Ако се обидеме да дадеме совет за тоа како професорот би можел да го подобри квалитетот на предавањето и часовите тогаш често сме ставени на тапет. Приморани сме да молчиме бидејќи добиваме закани во скриена форма за намалување на оценката. Образовниот систем сѐ уште како примарни вредности ги зема вредностите од времето на индустриската револуција кои биле многу важни за успехот на еден работник во фабрика. Тие вредности се засноваат на послушност и следење на инструкции. Модерниот свет ги вреднува луѓето кои се креативни, имаат комуникациски вештини и соработуваат едни со други. Но ние немаме шанса да ги развиваме тие вештини бидејќи сме дел од застарен образовен систем. Македонија на последното ПИСА (PISA, Programme for International Student Assessment) тестирање во 2015 година се најде на 67. место од вкупно 70 земји кои учествуваа во овој глобален тест. Тоа е поразителен податок кој итно треба да се промени.

Училиштето не е затвор и за да не се чувствуваме како затвореници во него треба да се преземат конкретни мерки кои ќе овозможат поголема слобода и вклученост во донесувањето на одлуките. Наместо младински совети кои само фигурираат и се занимаваат со банални прашања потребно е унифицирање на средношколско здружение со однапред дефинирана струкура и начин на функционирање кое ќе дава предлози и ќе решава суштински проблеми.

Ристо Божинов, III година, СОУ „Никола Карев“ Струмица

#9 Што сакам да сменам во моето училиште

Улогата на образованието е исклучително важна бидејќи вклучува стекнување нови знаења, методи, вештини кои се клучни фактори за изградување на вистински личности. Всушност, целта на средното образование е да оформи индивидуи кои ќе допринесат за општеството, тргнувајќи од фактот дека колку умствено и физички поразвиени се младите, толку поквалитетно општество имаме. Главен проблем во моето училиште се големиот број часови, кои се пречка при реализација на личните интереси на учениците и нивниот талент, кој е важен за изградување на младите во вистински личности со вредности потребни на општеството. Пример за ова е моето хоби, писателството. Имено, ненавременото завршување на мојата книга преку која праќам силна порака за стоп на булингот, негативно се одразува на мене, на младината и општеството, притоа демотивирајќи ме да продолжам да работам во таа сфера.

Неопходно е превземањето на мерка која ќе го реши проблемот во однос на времето што учениците го минуваат во училиште. Намалувањето на часовите ќе овозможи тие да се посветат на воннаставните активности и поставените цели. Во мојот случај, оваа мерка би значела олеснување што се однесува до афинитетите кон пишувањето, кое бара време и посветеност, а готовиот производ може да биде дело кое ќе го промени светот. Ова, подетално, би почнало да се дискутира преку работата на средношколската унија бидејќи таа може да допре до сите актери: родители, професори и администрација. Средношколската унија е механизам преку која може отворено да се разговара за идеите кои ќе го поправат образованието.

Реализацијата на замислата ќе доведе до поголема концентрација кај учениците и професорите, дисциплина, поефективни часови и желба за соработка што резултира со успех. Притоа, учениците ќе имаат можност максимално да се посветат во остварување на своите желби кои претендирааат да го променат светот, што претставува бенефит за нивната средина, целиот систем и општеството.

Ана Маркоска, ученичка во прва година во СУГС „Васил Антевски – Дрен“

#8 Моето образование

Би било излишно ако кажам дека во Република Македонија се’ е розово и рози цветаат. Но би се навредила од нечија страна ако го каже спротивното за истата. Јас сум од оние ученички што го ценат она најмалото што го имаат, но со право да го искажат своето мислење што би смениле во средните училишта каде што го започнале своето образование, доколку можат.

„Васил Антевски-Дрен“ е училиште кое е изградено уште пред многу децении. Но тоа не значи дека ние учениците спомените ќе ги срушиме ако побараме прозорите и приборот за работа (клупите) да бидат заменети во нови. Знаеме дека во секое ќоше лежи кротко споменче. Но ништо не менува доколку ги направите училниците по прилагодливи за нас, новите генерации. Спомените остануваат на местото каде што сте ги оставиле, во вашите срца, а материјалните средства за работа на секој ученик не треба да бидат причина за демотивација на истите.

Теона Илиевска – „Васил Антевски Дрен“

#7 Колаж од фотографии – средношколско организирање

Лина Иванова

#6 Eдинствената светлина ја гледам во учениците

Од каде да започнам, а да не изоставам некоја грешка, некој недостаток во овој наш образовен систем. Размислувајќи каков концепт да дадам на овој текст, решив моите мисли и искрени ставови да ги преточам во букви кои ќе го изразуваат моето задоволство или незадоволство од овој наш образовен систем.

Следејќи ја наставата, и случувањата во моето училиште забележав многу неправилности, но поради мојата несигурност и малата едукација во врска со образовниот систем, решив малку да истражувам, да одам на семинари, презентации да правам компарација на сето тоа како би ги зацврстил своите мислења, и би ги засновал на точни податоци. И на крај испадна дека моите првични заклучоци биле точни, и во тој момент добрив потреба за активно вклучување во средношколско организирање, што воопшто и го нема, но се запрашав: „Зошто тоа да не започне токму од мене, од моето училиште?“, бидејќи тоа и е желба на сите нас, но она кое преовладуваше во тој момент беше потребата и ние, учениците да имаме право на глас, свои ставови, мислења и сето тоа да можеме без страв да го искажиме. Со тек на времето учеството во средношколското организирање се подобрува, за сега до дојдеме до степен на целосна вклученост на учениците во настаните на училиштето. Но, што се случува со нашето право на избор, го немаме, за жал. Но јас верувам дека со тек на време ние, учениците ќе го промениме и тоа, бидејќи гласот на учениците гласно одѕвонува.

Во целата негативна слика, единствената светлина ја гледам во нас, учениците, да се разбудиме и сите заедно да се обидеме да го промениме овoј застарен начин на образовен систем и застарен начин на средношколско организирање.

Божидар Николовски

#5  Кога одлучуваме за нешто, одлучуваме сите заедно како одделение

Јас како ученик и претседател во моето одделение би сакал да се воведе нов ред во училиштето, како на пример училишен ред или бон-тон кон учениците и професорите. Сите ученици до мене и околу мене да го сменат начинот на однесување и да работиме прописно како сите други. Хигиената е најголемото богатство за нашето здравје. Тоа значи дека исто така треба да се промени однесувањето кон одржување на хигиената, односно што повеќе ученици да ја одржуваме чистотата во нашето училиште и нашето одделение и да се организираат повеќе акции за чистење на училиштето и училишниот двор.

Нашето средношколско организирање е многу подобро одколку што било, но мислам дека треба и може да биде подобро. Учениците и професорите се организираат според тоа во зависност каква работа извршуваат. Учениците се организирани според начинот на работа која им е зададена од страна на професорите на часот. Јас во моето одделение ги организирам едни од најубавите и најинтересните групи за работа во целото училиште. Сите ни завидуваа. Токму поради некој од овие причини станав претседател на одделението. Сите ученици беа задоволни од мене. Доколку имаме некоја хумана потреба за донации кон некој ученик која му е потребна парична помош, веднаш се организираме и помагаме најмногу што можеме. Организираме претстави, натпревари (фудбал,ракомет,кошарка,одбојка и др.). Би сакал да се воведе уште многу подобра организација, но со тек на време ќе се организираме уште на многу повисоко ниво.

Моето право на одлучување е секогаш достапно поради тоа што сум претседател на одделението. Но, иако сум претседател јас секогаш собирам идеја од другите ученици. Кога одлучуваме за нешто, одлучуваме сите заедно како одделение, јас мислам дека вака би било најдобро да донесуваме одлука за нешто сите заедно.

Никола Гиевски од „Васил Антевски Дрен“ – Скопје

#4 За нашата иднина одлучуваме ние

Школството во светот постојано се развива, но кај нас ништо не се менува. Во училишните клупи секојдневно гледаме ученици кои не се заинтересирани за она што мораат да го слушаат.

Како и секој човек и ние средношколците имаме идеи за нашата иднина,но секој од нас е преоптеретен со нешта кои не го интересираат. Во училиштето секојдневно поминуваме по седум часа учејќи тринаесет предмет. Зошто? Јас како млада личност сакам да имам слободно време, сакам да уживам во моите години.

Токму поради тоа го замислувам школството многу поразлично. Секој ученик се чувствува ненаспан, уморен затоа би сакала училишните часови да започнуваат подоцна. Секој ученик би имал можност да присуствува на едно часовно предавање при што би имал три задолжителни предмети: македонски јазик, математика и еден странски јазик и два предмети кои ние самите би ѓи избрале. Секој би сакал да го избере она што ќе го учи. Училниците не би биле она што се денес, а исто така и бројот на ученици. Местата за учење би наликувале на големи предавални во кои ќе може да собере голем број на ученици. Кој не би го слушал она што го интересира?

 Убедена сум дека никој не би се побунил доколку се што сака му е на дланка и се што несака е далеку од него. Сепак за нашата иднина одлучуваме ние.

Розита Ракиќ

#3 Средношколско организирање

Голем дел од средношколците во Република Македонија се амбициозни, паметни и перспективни личности, кои го почитуваат процесот на едукација и сакаат да стекнуваат нови знаења и искуства. Тие ја сфаќаат важноста на квалитетното образование и имаат желба за постојано и постепено подобрување на моменталниот образовен систем. За жал, ставовите, мислењата и предлозите на учениците често не се земани предвид кога се работи на нови образовни политики, проекти, активности и слично.
Моментално, формата на средношколско организирањештосе практикува во моето училиште (гимназијата „Орце Николов“ – Скопје) е Училишната заедница, составена од претседателите на сите класови и претседател, потпретседател и секретар на самата заедница.
Важно е да се напомене дека единствената причина поради која воопшто функционира заедницата, веќе втора година по ред, сме ние, активните ученици кои сме заинтересирани за вклучување во активностите во училиштето кои нè засегаат. Дури и во едно од најдобрите училишта во државата сме приморани постојано да се бориме за нејзиниот опстанок. Единствено нешто за кое полесно добиваме дозвола од стручната служба на училиштето е самостојна организација на забави и воннаставни активности.
Според мене, Училишната заедница треба да е едно од главните тела на секое училиште, регулирано и определено со закон. Треба да биде орган преку кој учениците ќе може да ги искажат сите пофалби, поплаки, барања и проблеми, и притоа тие да бидат испочитувани и решени заедно со стручната служба или професорите.
Наместо да се фокусираме само на предновогодишни забави и свирки, да се насочиме и кон организирањеработилници и слични едукативни проекти, како и кон заедничко решавање на проблемите со кои се соочуваме во нашето образование. Размислувањата на средношколците треба да се сфаќаат сериозно и учениците да имаат реален удел при одлучување за прашањаташто ги засегаат. За да се постигне ова, потребна е функционална училишна заедница во секое средно училиште.

Весела Трајкоска

#2 Што би смениле во вашето училиште

Училиштето не треба да е само обична зграда полна со луѓе чија мотивација да се тука е дека се мора. Училиштето треба да е место каде се градат вештини, каде се поттикнува секоја млада личност да се идентификува, индивидуализира и изгради ѕидови од самодоверба.  Секогаш треба да засени потребата да се изгради личност со свој став отколку да се остави учениката сама на себе да пронајде што нуди самата ученичка.

Училиштето каде јас ги поминав претходните три и пол години никогаш не беше дел од личноста која ја градам сама за себе. Беше место каде што одев и слушав и кукавички никогаш не превземав иницијатива да го сменам тоа. Чудно е како врви целото ова време, лежиме во неговите прегратки а никогаш не гледаме дека ако не преземеме ништо ние, ништо и нема да се смени. Времето трча напред а ние трчаме по него заглавени во банални дела, и потоа се жалиме дека не одминало времето бескорисно.
Од оваа помисла и дојде тој елан, не сакам повеќе да размислувам што би сменила и како би сменила, да зборувам за целата оваа моќ константно и тоа да останат само зборови. Станувам од мојата училишна клупа, во школо каде нема никаков ред и никаква активност и марширам да го сменам тоа.

Ресурси постојат насекаде, можности насекаде доколку се потрудиш да ги побараш. Постојат и ученици со иста помисла како мене, кои сакаат во училиштето да постои ученичко тело кое ќе ги тера учениците да градат вештини за кариерен развој и за лидерство, и да ги градат овие вештини во нивното училиште. Ученици кои ќе поттикнат други ученици да градат, да творат и да направат место спремно да ја поткрепи љубопитнста на следните генерации.
Смената која му проследи на моето училиштетреба да е поттикната од учениците за учениците.

Јована Ѓерасимоска

#1 Средните државни училишта во Република Македонија

Јас како ученичка во гимназија не верувам дека во другите средни училишта е многу различно од моето. Образованието се соочува со вистински проблеми и тоа треба да се смени, но на подобро овој пат.

Ние како ученици во нашата држава немаме првенствени услови за работа. Тоа посебно доаѓа до израз во зимските денови од кои повеќето се со врнежи од дожд и плафоните во некои училници пропуштаат вода.
Училишниот систем се потпира повеќе на професорите отколку на самите учениците што се причина за постоење на училиштето. Имавме средношколски пленум што не беше многу функционален. Сега имаме
обид за формирање на училишен парламент за да дојдеме повеќе до израз и да имаме удел во одлучувањата кои нас најмногу не засегаат.

Првенствено сме жртви на лош училишен кадар. Некои професори стресот стекнат надвор од училиштето го истураат врз учениците, што е непрофесионално. Така да првин би предложила да има посоодветен кадар кој знае како да се справи со адолесценти. Простор и разбирање за предлози од учениците кои имаат некој проблем. Најмногу од се’ е пожелно подобрување во наставата, било каква промена што нема да ги
направи четириесет и петте минути да траат како цел век. Ова е начинот да се допре до учениците, да се заинтересираат и да покажат подобри резултати по секој предмет. И како последен предлог би сакала
професорите да го почитуваат кодексот на однесување како што бараат од нас да биде почитуван.

Во кратки црти ова е состојбата прилично во секое државно средно училиште. И не може да се очекува од нас некој подобар резултат во учење кога првенствено немаме волја ниту да одиме на училиште.

Катерина Ивановска