[Дебата] „Постојат ли услови за непосредна демократија“

На 15 декември 2014 (понеделник), со почеток во 10 часот, во ГЕМ клубот во Старата скопска чаршија, Фондацијата Отворено општество – Македонија ќе одржи дебата на тема „Постојат ли услови за непосредна демократија?“ на која ќе бидат споделени македонските и хрватските искуства на непосредно изјаснување на граѓаните.

„Искуството покажува дека малобројните обиди за непосредно учество на граѓаните при носење одлуки најчесто се неуспешни, а државата поставува препреки на патот кон организирање референдумски и други видови граѓански иницијативи. Таквата ситуација е поттик да се преиспита функционалноста на постојните правни и општествени рамки кои ја уредуваат непосредната демократија. Зачестените иницијативи во Хрватска за директно учество на граѓаните во носењето значајни општествени одлуки е причината поради која на оваа дебата ќе ги размениме македонските и хрватските искуства“, се вели во соопштението.

Во првиот дел од дебатата ќе бидат пренесени искуствата на иницијативите кои се обиделе да поведат постапка за директно изјаснување на граѓаните по определени општествено значајни прашања. Проблемите со кои се соочиле овие иницијативи ќе бидат пренесени директно од луѓето кои ги спровеле иницијативите за референдум, односно за донесување закон на предлог на 10.000 гласачи.

Законот за референдум, пак, ќе биде анализиран со цел да се отвори дискусија за неговите слабости. Високиот број на потписи, односно гласови за излезноста и/или за поддршка; краткиот рок за собирање потписи за поддржување на иницијативите; и оскудните одредби кои се однесуваат на кампањата, финансирањето, набљудувањето и гласањето на референдумите и другите облици на непосредно изјаснување ќе бидат во фокусот на дебатата.

Иницијаторите на актуелното барање за референдум во Хрватска кое се одвива под мотото „Не ги даваме нашите автопати“ ќе зборуваат за нивните искуства со спроведувањето постапки за директно изјаснување на граѓаните.