Со формирање на коалиција со останатите левичарски партии, данската Социјал – Демократска Партија утрово формираше влада водена од Мете Фредериксен. 41 годишната политичарка ќе биде најмладата премиерка во историјата на земјата.
Иако водечката партија доби само 26% од гласовите на изборите на 5 јуни, коалицијата формирана од 5-те партии настроени лево од центар го формираа мнозинството во парламентот составен од 179 седишта. Ова е радикална промена во Данска по досегашната влада водена од десницата и досегашниот премиер Ларс Локе Расмусен.
„Со големо задоволство можам да изјавам дека по 3 неделни преговори конечно имаме мнозинство со кое можеме да формираме влада.“, посочи Фредериксен.
Нејзината партија, иако загуби одреден дел од гласовите споредено со изборите од 2015, успеа да ја добие поддршката од Партијата на Социјалистите, Црвено-Зелената Алијанса и Социјал-Либералната Партија.
Дел од плановите на новата влада вклучуваат поотверна мигрантска политика, зголемување на странската работна сила во државата како и одредени еколошки мерки како носење закони за намалување на емисијата на штетни материи.
Данска е третата скандинавска земја годинава која формираше влада составена од левичарско насочени партии по нејзините соседи Финска и Шведска