Дали со 1 евро може да се зготват три студентски оброци на ден?

Со 61 денар за трите оброци дневно, колку што според Истражувањето на Младинскиот образовен форум (МОФ) државата троши за исхрана на студентите во студентски дом, не може да се обезбеди квалитетен оброк, сметаат од Ретвитни оброк и Сите сити. Двете здруженија што работат со обезбедување храна за најранливи групи, за Радио МОФ откриваат колку чинат нивните оброци.

Истражување: 61 денар за доручек, ручек и вечера во скопските студентски домови

Од граѓанската иницијатива „Ретвитни оброк“ коментираат дека според нивните пресметки, невозможно е да се зготват три достојни и нутриционистички содржајни оброци со само 60 денари. Тие оваа сума ја трошат за само еден оброк.

„Штотуку направивме шопинг за наредниот месец за Ретвитни. Најверојатно станува збор за многу трошни оброци. Нас, во аматерска кујна еден оброк не чини од 50 – 70’денари“, велат од „Ретвитни оброк“.

Блаже Јосифовски од „Сите сити“, организацијата за дистрибуција и собирање вишок храна,  вели дека досега никогаш не соработувале со студентските мензи за евентуално преземање вишоци храна. Неговите пресметки велат дека оваа организација еден оброк ја чини 20 денари.

„Таа цена е бидејќи не правиме набавка на храна, ја добиваме бесплатно, потребно ни е само да обезбедиме транспорт и други трошоци. 60 денари ќе им бидат доволни, доколку користат пазарни вишоци како нас, но во друг случај може само многу лоша храна да дадат“, објаснува Јосифовски.

Градот Скопје, на пример, само за ручекот, кој им го обезбедува на сиромашните лица во народните кујни, плаќа нешто под 50 денари.

Нутриционист: На студентите им требаат три квалитетни оброци

Младата нутриционистот Маја Велковска од „Диет клуб Нутрика“, која и самата живеела во студентски дом, појаснува дека на студентите им е неопходна разновидна и квалитетна исхрана за секојдневно функционирање.

„Нормално, треба да се овозможат основните потреби за протеини, масти и јаглехидрати. Треба да има доволно овошје и зеленчук, да има салата за ручек и нешто што ќе биде главен оброк, мешунка, месо,“ вели Велковска.

И покрај ваквите укажувања, истражувањето на МОФ, покажува дека во однос на овошјето, месечно за секој студент сместен во еден од трите домови под ДСД „Скопје“, била набавувана по една банана.

Препораките на Велковска за добро мени се следни:

„Појадокот е составен од овошје и од некоја житарка, леб намачкан со нешто. Ручекот е обично салата и нешто што ќе даде повеќе протеини, може да е месо за тие што јадат месо или мешунка. Вечерата, се тестенини, кои пак не ги препорачувам за слабеење“, вели Велковска.

Таа додава дека три оброци не можат да се задоволат со 60 денари.

„Не знам каква е состојбата сега, но храната во студентските домови не е каква што треба да е, и далеку од тоа дека задоволува потреби на еден студент, затоа што нема доволно овошје и зеленчук. Сигурно има можност за да има некаков прогрес кон подобро, треба да се внимава на тоа и е многу важен дел од животот“, забележува Велковска.

Според новото истражување на Младинскиот образовен форум (МОФ), буџетот за студентските домови годишно во просек изнесува 3.5 милиони евра, а само 15% од овие средства се издвојуваат за храна во студентските мензи.Истражувањето покажува дека за три оброци – доручек, ручек и вечера се одвојуваат само 61 денар, а како што се вели според сите стандарди, во Скопје, дневно за храна по лице би биле доволно минимум 100 денари. Истражувањето се однесува на скопските студентски домови „Стив наумов“, „Кузман Јосифовски Питу“ и „Гоце Делчев“.

Мартин Колоски